Властите во градот Потсдам признаа дека неодамна дошле до многу непријатно откритие – дека всушност никогаш не му било укинато почесното државјанство на нацистичкиот министер за пропаганда, Јозеф Гебелс, доделено во 1938 година, објави агенцијата ДПА.

На високиот нацистички функционер почест му била доделена од градот Бабелсберг на 1 април 1938 година, една година пред да биде вклучен во Потсдам, главниот град на покраината Бранденбург.

Таквата почест обично завршува кога ќе умре оној кому му е доделена, во случајот на Гебелс тоа би било 1 мај 1945 година, меѓутоа тој и натаму е на листата.

На веб-страницата на почесните граѓани на Потсдам стои дека титулата почесен граѓанин доделена на Гебелс не била постхумно укината, најверојатно поради незапознаеност со фактот дека воопшто му била доделена.

Откритието било направено од персонал што ја проучувал листата на почесни граѓани во текот на летото.