Кинеската компанија „Хуавеи“ потпиша договор од стратешко значење, по средбата на кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин. Телекомуникацискиот гигант од Азија, кој САД го сметаат за безбедносна закана, договорот го склучи со руската компанија „МТС“, за развивање на 5Г мрежата во текот на следната година, јавува „Гардијан“.

– Многу сме среќни со договорот, особено поради тоа што 5Г мрежата има големо стратешко значење за нашата земја – рече Гуо Пинг, еден од првите луѓе на „Хуавеи“.

На средбата во Мосвка меѓу Путин и Џинпинг, кинескиот лидер го нарече неговиот руски колега „близок пријател“, нагласувајќи дека двајцата се сретнале скоро 30 пати во последите шест години. Ова беше осма посета на првиот човек на Комунистичката партија на Кина во Русија од 2012 година.

– Ќе ја засилиме меѓусебната поддршка за клучните прашања – рече Си Џинпинг за време на посетата на Кремљ.

Односите на САД и Русија значитечно се влошија поради кризата во Украина, војната во Сирија и обвиненијата за вмешувањето на Кремљ во претседателските избори во САД во 2016 година, додека Кина во моментов е во трговска војна со Вашингтон.

„Хуавеи“ се соочува со проблеми кои започнаа минатиот месец, кога администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, им забрани на американските компании да продаваат опрема на кинескиот гигант, поради сомниенијата дека шпиунираат за Пекинг.

Експертите велат одлуката на САД, која за три месеци ќе стапи на сила, претставува закана за опстојувањето на компанијата, која во голема мера зависи од американските чипови за нивните телефони.

Неколку компании веќе се дистанцираа од „Хуавеи“, вкучувајќи ги и „Гугл“, чиј оперативен систем андроид се наоѓа во поголемиот дел од паметните телефони во светот.