Француската полицијата уапси неколку осомничени лица за нападот во центарот на Лион

Додека официјален Париз презема засилени мерки против лица осомничени за верски екстремизам, повеќе европски земји засега сѐ уште немаат јасна визија како да се справат со овој проблем. Претседателот Макрон најави жесток удар врз екстремизмот во земјата

Во тензичниот период по обезглавувањето на еден наставник во едно париско предградие, француските власти мака мачат во борбата за сузбивање на радикалниот ислам. Тие извршија десетици претреси, затворија џамија и неколку здруженија за кои сметаа дека се поврзани со радикалниот ислам, но и покрај тоа францускиот претседател Емануел Макрон најави дека треба повеќе да се реагира за да се зголеми националната борба против екстремизмот и радикалниот ислам во земјата. Ова во исто време ги вклучи алармите на Европа за нови евентуални терористички напади што би можеле да се случат како одговор на француската одлучност да стави крај на екстремизмот на своја почва, пишува магазинот „Политико“. Според магазинот, францускиот претседател Макрон во таа насока неодамна разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин, при што во телефонскиот разговор францускиот претседател истакнал дека сака да ја засили француско-руската соработка во борбата против тероризмот и незаконското доселување во тој дел од Европа. Убиството на Пати исто така го стави Макрон во незавидна положба, наведува магазинот, бидејќи откако тој станал претседател тој е цел на критичарите, најмногу од десницата и ултрадесницата, поради справувањето со безбедносните, културните и општествените предизвици што се последица на радикалниот ислам. Оваа темата исто така ќе игра главна улога во јавната дебата до претседателските избори во 2022 година, кога Макрон најверојатно повторно ќе се соочи со Марин Ле Пен во државата што се бори со решавање на прашањето без да ги отвори старите колонијални рани или да западне во исламофобија и расизам, наведува „Политико“.

Барање ново решение за стар проблем

Франција со децении има проблем со домашниот радикален ислам, кој предизвикуваше проблеми за претходните претседатели и влади што кулминира со најкрвавата низа на терористички напади во Европа врз сатиричниот весник „Шарли ебдо“ и потоа врз концертната сала „Батаклан“, кафулињата и рестораните. Исламот во француското општество стана горлив проблем откако поранешниот претседател Жак Ширак воведе закон со кој им се забранува на француските државни службеници да носат „карактеристични“ верски симболи што нашироко се толкуваше како заобиколен начин за забрана на носење муслиманска шамија. Макрон и неговата влада тврдат дека презеле чекори на почетокот од неговиот мандат, со тоа што воведоа локални работни групи за борба против радикалниот ислам, распоредија повеќе полиција во одредени области, додека истовремено инвестираа во општествени, културни и образовни програми за обесправените деца, често од доселеничко потекло и кои претрпеле дискриминација, во посиромашните населби да им се обезбеди потребната поддршка.

Сепак пред неполни три недели, Макрон одржа значаен говор во кој детално ја претстави неговата стратегија за спречување на она што тој го опиша како начини на кој радикалниот ислам се инфилтрирал во француското општество. Тој зборуваше за конкретни мерки, како што се обуки за имами во Франција и ограничување на домашното учење и влијанието на странските држави врз тамошното муслиманско население. Овие точки ќе бидат вклучени во предлог-законот што во декември треба да се донесе, но неговите критичари велат дека е предоцна. Сепак, прашањето што го избегнуваат властите од минатата недела е зошто едно од лицата, кои во моментов се во полициски притвор за поврзаност со убиството на Пати, Абделхаким Сефриуи, коосновачот на групата „Шеик јасин“, не беше изведено претходно пред лицето на правдата. Тој, како што пренесува „Политико“, одамна е познат во Франција по екстремистичките ставови и врските со радикалниот ислам и неговите судири со други муслимански лидери што ги отфрлија неговите ставови.

Европа засега без визија

Франција исто така се залага за зајакнување на мерките на територијата на Европската Унија за да се спречи ширењето на говорот на омраза на интернет и одамна ги поддржува тековните бриселски законски напори за отстранување терористичка содржина од социјалните медиуми.
Во меѓувреме, викендов во Франција имаше повторно пукање. Во францускиот град Лион вооружено лице пукаше и повреди грчки православен свештеник пред црква, а потоа избега од местото на настанот, пренесоа светските медиуми. Министерството за внатрешни работи веднаш на Твитер објави предупредување дека имало инцидент во Лион и дека безбедносните сили веднаш излегле на местото на настанот. Според некои француски медиуми, свештеникот бил застрелан двапати додека ја затворал црквата и се наоѓа во критична состојба, напаѓачот е во бегство, а полицијата засега се сомнева во едно лице јави АП.