Многу добро се подготвуваме во врска со средбата на врвот со Северна Кореја. Сѐ се одвива убаво. Ќе видиме на 12 јуни во Сингапур. Тоа не се промени, ќе видиме што ќе се случи, порача американскиот претседател

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД продолжуваат да се залагаат за одржување на првиот во историјата американско-севернокорејски самит на 12 јуни во Сингапур.
– Многу добро се подготвуваме во врска со средбата на врвот со Северна Кореја. Сѐ се одвива убаво. Ќе видиме на 12 јуни во Сингапур. Тоа не се промени, ќе видиме што ќе се случи – истакна Трамп.

Шефот на Белата куќа во четвртокот ја откажа средбата со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, закажана за 12 јуни во Сингапур, поради, како што нагласи, неговиот „огромен гнев и отвореното непријателство во неодамнешната изјава“.
– Се радував однапред дека ќе бидам таму со вас. За жал, поради огромниот гнев и отвореното непријателство манифестирано во последната изјава, сметам дека е непримерно во овој момент да се одржи овој долго планиран состанок – истакна Трамп во писмото Ким.

Меѓутоа, Трамп во текот на викендот изјави дека сепак е можно да се сретне со Ким на 12 јуни во Сингапур, како и што беше планирано. Белата куќа соопшти дека нејзин тим ќе отпатува за Сингапур како логистичка поддршка за подготовка на евентуална средба меѓу Трамп и Ким. Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс посочи дека логистичкиот тим ќе отпатува за Сингапур за да го подготвува самитот, како што било планирано и пред откажувањето на средбата од страна на Трамп.
Во меѓувреме, висок јужнокорејски претставник изјави дека Северна и Јужна Кореја разгледуваат почнување преговори за склучување мировен договор, кој би опфатил и ветување од САД за ненапаѓање, пренесува Ројтерс.

– За успех на средбата на врвот Северна Кореја – САД разгледуваме различни начини да ја смириме севернокорејската вознемиреност по прашањето на безбедноста. Тоа би вклучило крај на непријателските односи, заемно ветување за ненапаѓање и почетокот на преговори за мировен договор, што ќе ја замени сегашната спогодба за примирје – додаде јужнокорејскиот функционер.
Истовремено, јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин изјави дека севернокорејскиот лидер на завчерашната нивна средба му ја потврдил својата желба да се сретне со Трамп на 12 јуни во Сингапур.

– Ким Јонг-ун ја потврди и својата посветеност на денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров – изјави Мун на прес-конференција во Сеул, посветена на неговата средба со севернокорејскиот колега во пограничното место Панмунџом.
Мун порача дека Пјонгјанг е вознемирен поради тензиите во односите со Вашингтон и затоа сака билатерални средби со САД за гарантирање на безбедноста на земјата.
– Се надевам дека по успешните преговори меѓу лидерите на САД и Северна Кореја, ќе се одржи и трилатерална средба на врвот со учество и на Јужна Кореја, на која ќе биде потпишан и документ за официјално завршување на Корејската војна – посочи јужнокорејскиот лидер.


Трамп го обвини „Њујорк тајмс“ дека користи измислен извор во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини весникот „Њујорк тајмс“ дека во еден негов текст се повикувал на „измислен извор“ во Белата куќа.
Станува збор за статијата во која „Њујорк тајмс“ цитира „претставник на Белата куќа, кој побарал анонимност“, кој рекол дека дури и да дојде до средба меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, таа нема да се одржи на 12 јуни, бидејќи времето за нејзино организирање дотогаш е прекратко.
Трамп на Твитер порача дека претставникот на кој се повикува весникот воопшто не постои.
– Повторно невистинито! Користете реални луѓе, а не лажни извори – напиша Трамп, кој досега во неколку наврати го критикуваше објавувањето на информации добиени од анонимни извори, квалификувајќи ги таквите содржини како лажни вести.
Меѓутоа, покрај „Њујорк тајмс“ и други американски претставници тврдат дека во конкретниот случај не станува збор за „измислица“ и „измислен извор“, туку дека тоа на брифинг со група новинари го изјавил официјален претставник на Белата куќа, кој притоа побарал да остане анонимен. Белата куќа засега одби да ги коментира ваквите тврдења на медиумите.