Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека „привремено ќе ја запре“ имиграцијата во Соединетите Американски Држави за „да ги заштити американските работни места“ во време на економска криза предизвикана од коронавирусот, јави Си-ен-ен.
– Во светлината на нападите на невидливиот непријател и соочен со потребата да ги заштитиме работните места на нашите американски граѓани, јас ќе потпишам претседателска уредба за стопирање на имиграцијата во САД – напиша Трамп на социјалната мрежа Твитер. Тој не прецизира како ќе се спроведе оваа мерка или колку ќе трае.

Минатата недела, САД ги суспендираа речиси сите барања за виза поради пандемијата, а беше продолжена одлуката за затворање на границите со Мексико и со Канада.
Инаку, ограничувањата што беа воведени во изминатите недели ја парализираа американската економија, при што повеќе од 20 милиони луѓе останаа без работа. Во САД има повеќе од 787.000 потврдени случаи на коронавирус, а починале над 42.000 луѓе.

Во меѓувреме американскиот претседател Трамп го објави планот во три фази за обнова на економијата, кој предвидува неколку чекори за тоа како ќе се одвива нормализирањето на состојбите во Америка.