Според анкетите во Германија, ЦДУ на Ангела Меркел бележи предност во рејтингот пред другите партии во земјата

Западните медиуми во своите анализи како причина за актуелната популарност на светските лидери за време на пандемијата го наведуваат стравот кај граѓаните од вирусот што ги прифатија ограничувањата на слободата за нивните влади полесно да се справат со епидемијата

Политиката не е прецизна наука, но се чини дека во време на криза луѓето кога се исплашени и се соочуваат со неизвесна иднина се држат до она што го знаат и им е познато. Во време на големи кризи логично е тие да им се обраќаат на своите влади. Ништо поинаку не е ни сега, за време на пандемијата на коронавирусот, кога граѓаните се држат до своите лидери и каде што мнозинството од нив верува дека политичките моќници ќе се обидат да направат најдобро што умеат и знаат. Ова го наведува во својата анализа електронското издание на „Јуроњуз“, повикувајќи се на своја анкета за јавното мислење направена неодамна во повеќе европски земји.

– Многу од нашите политичари никогаш не биле толку популарни како сега. Во Австрија поддршката на канцеларот Себастијан Курц се зголеми на 77 проценти, со извонредни 33 индексни поени. И во Данска, каде што веќе се укинати ограничувањата, рејтингот на премиерот Мет Фредериксен се зголеми за 40 индексни поени, односно на 79 проценти – наведува „Јуроњуз“.
Според медиумот, владејачката партија на Ангела Меркел, ЦДУ, сега во Германија бележи значителна предност пред другите партии во анкетите направени во земјата, слично како и владата на Борис Џонсон во Велика Британија. Сепак, според „Јуроњуз“, тоа не е универзална слика.

– Педро Санчез во Шпанија се најде на зголемени критики во целата состојба со кризата. Состојбата со Емануел Макрон е нешто подобра, но неговиот рејтинг не е толку голем како што беше во почетокот на мерките за ограничување на движењето, а истото тоа важи и за „владетелот“ на Белата куќа. Но вистински губитници се чини дека се популистите. АФД во Германија се спушти на 10 проценти. Во Италија, пак, Матео Салвини бележи константен пад на неговата поддршка – наведува медиумот.
На иста тема пишува и угледниот магазин „Фајненшл тајмс“. Под наслов „Како ќе ја искористат моќниците кризата во своја полза“, медиумот забележува дека сега е лесно за политичарите да се искористи исплашениот народ, кој ги прифати ограничувањата на слободата, за да се владее.

Дури и веќе етаблираните демократии покажуваат симптоми на синдромот на моќниците. Доналд Трамп дојде на власт во САД во 2016-та, најавувајќи дека „самиот може да го поправи американското уништување“. Тој неодамна соопшти дека има „тотална моќ“ во справувањето со пандемијата. Жаир Болсонаро стана претседател на Бразил во 2019 година, изразувајќи восхит кон воената хунта што го предводеше Бразил во неговата младост. Во Манила, Њу Делхи и во Ријад, персонализираното лидерство исто така е во мода.

Глобалното политичко тело, кое е веќе ослабнато од „вирусот на моќниците“, би можело да стане уште позаболено под ударот на вонредната здравствена состојба. За спречување на пандемијата, исплашените луѓе низ светот прифатија невообичаени ограничувања на личните слободи, кои регулираат дали тие можат да излезат надвор или воопшто да заработуваат за живот. Исто така, има вознемирувачки историски преседани во кои владите ја искористија вонредната состојба за да прифатат диктаторска моќ, која останува неоспорена.

– Класичен пример е употребата на пожарот во Рајхстагот во 1933 година од страна на Адолф Хитлер, за да воспостави владеење преку декрет – пишува „Фајненшл тајмс“.
Според магазинот, уште еден јасен пример за владетел моќник што го користи коронавирусот за да го засили стисокот врз власта веќе се појави во Унгарија. Виктор Орбан ги помина последните неколку години во поткопување на независните медиуми, судството и универзитетите, а сега маневрираше вешто за да ја искористи пандемијата. Унгарскиот премиер го убеди парламентот, доминиран од неговата партија Фидеш, да му даде моќ за владеење преку декрет на неодреден период. Одговорот на деконцентрираната од коронавирусот ЕУ беше благ.

Други лидери, пак, според „Фајненшл тајмс“, имаат поинаков пристап, повикувајќи животот да се одвива вообичаено, наместо да ги ускратат граѓанските слободи. Нивните потези повеќе беа наивни отколку итри. Белорускиот претседател Александар Лукашенко се осигури дека Белорусија е единствената европска држава во која уште се игра националното фудбалско првенство. А во Бразил, Болсонаро повика на отворање на продавниците и го отстрани од функцијата министерот за здравство, бидејќи не се согласуваа за физичкото дистанцирање.
Многу лидери моќници во демократиите се популисти што искажуваат нетрпеливост кон „елитите“, во кои спаѓаат и епидемиолозите и јавните службеници. Антиваксерите, кои шират теории на заговор за вакцинацијата, виреат во популистичките движења на Западот.

Ако популистичките лидери продолжат да прават збрка во справувањето со пандемијата, коронавирусот би можел да го смени трендот кон нивната политика преку дискредитирање на лидерите што лошо се справиле со ситуацијата, зголемувајќи ја потребата за експертиза.
Но како што се развиваат настаните, моќниците може да увидат дека новата состојба е дури и поприемлива кон нивниот политички стил. Економските проблеми и очајот честопати се непријатели на мирната дебата, односно пријател на теориите на заговор што им овозможуваат на популистите да виреат, завршува „Фајненшл тајмс“.