Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека САД нема да воведат санкции на Турција поради нејзината одлука да набави руски одбранбени ракетни системи С-400, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, неколку часа по состанокот со Трамп, пренесе „Ројтерс“.

Ердоган по завршувањето на дводневниот самит на Г-20 во Јапонија, рече дека Турција ја очекува испораката на борбени стелт авиони Ф-35 од САД и покрај спорот помеѓу Вашингтон и Анкара околу С-400. а тие ќе бидат испорачани во неговата земја во првата половина на јули.

Трамп по состанокот со Ердоган изјавил дека САД се наоѓаат во „комплицирана” ситуација околу тоа како да одговорат на договорот меѓу Турција и Русија за испораката на С-400, истакнувајќи дека е разговарано и за можни санкции.

Сепак, Трамп изразил разбирање за ставот на турскиот претседател и ја обвини администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама дека Турција ја условувале кога Анкара сакала да набави американски ракети „Патриот”.

-Бараме различни решенија. Тоа е проблемот, околу тоа нема дилема – рече Трамп.