За најновиот развој на настаните во Авганистан, претседателот на САД рече дека „не жали“ поради својата одлука по 20 години да ги повлече американските трупи од оваа азиска земја. Бајден нагласи дека САД го одржале своето ветување дадено на Авганистанците за воздушна поддршка, исплата на плати за војниците и за снадбување со храна и опрема

Талибанците го зазедоа административниот центар на провинцијата Бадакшан, градот Фаизабад, во северниот дел на Авганистан, што е деветти главен град на провинција што падна во рацете на бунтовниците за помалку од една недела. Талибанците ги контролираат центрите на седум од деветте северни провинции во земјата. Владините сили се повлекоа од Фаизабад по неколкудневни жестоки борби, откако не им беше обезбедена потребната воздушна поддршка и не беше испратено засилување. Претседателот на САД, Џо Бајден, по повлекувањето на американските војници од Авганистан истакна дека Авганистанците сега мора сами да се борат со талибанците и упати апел до авганистанските политичари заеднички да дејствуваат против талибанците. Американската влада одвои 3,3 милијарди долари во нацрт-буџетот за поддршка на авганистанските безбедносни сили следната година, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
По најновиот развој на настаните во Авганистан, претседателот на САД рече дека „не жали“ поради својата одлука по 20 години да ги повлече американските трупи од оваа азиска земја. Бајден нагласи дека САД го одржале своето ветување дадено на Авганистанците за воздушна поддршка, исплата на плати за војниците и за снабдување со храна и опрема.
„Вашингтон пост“ пренесе изјава од неименуван американски функционер, дадена врз основа на воена процена, дека престолнината Кабул може да падне во рацете на талибанците за 90 дена. Американските и другите меѓународни сили го довршуваат повлекувањето од Авганистан за три недели. Во првите анализи на независни набљудувачи се поставува и прашањето дали ова е голем пораз за американските глобални амбиции, по војната што траеше дваесет години.
– Поради постојаната пропаганда на талибанците, авганистанските сигурносни сили го губат моралот. Пред нападите на бунтовниците, голем број припадници на авганистанските сили го предадоа оружјето, ги соблекоа униформите, ги напуштија своите позиции и побегнаа – изјави анонимен функционер во покраинската власт во Нимроз, за АФП.

Пентагон е немоќен

Американската воздушна поддршка се покажа како неуспешна воена стратегија, а уште повеќе што по повлекувањето на авганистанските сили во рацете на талибанците сега е и воената опрема од САД, која ѝ беше оставена на авганистанската војска. Со паѓањето на градовите, при евентуални воздушни напади од американските авиони ќе треба да се гаѓа и во цивилни објекти.
Според воената страница „Лонг вор журнал“, талибанците се во голема офанзива и освоија голема територија од која бегаат многу цивили, кои се и главните жртви.
– Овие ѕверства се доказ на бруталноста и насилството во Авганистан, кои ги загрозуваат децата. Децата сѐ повеќе се регрутираат од вооружените групи -предупредија од УНИЦЕФ.
Не се остварија очекувањата дека талибанците ќе ја засилат доминацијата во руралните краеви во Авганистан, а градовите да бидат под контрола на меѓународно признаената влада. Гласноговорникот на Пентагон, Џон Кирби, искажа голема загриженост за развојот на настаните, а на прашањето што може американската војска да стори за да им помогне на авганистанските сили, тој одговори: „Не многу“.
Надворешнополитичкиот аналитичар Бранимир Видмаровиќ, во разговор за „Индекс“, дава одговор на тоа дали ова значи „победа на талибанците и пораз на Америка“?
– Во некоја поширока смисла напуштањето на Авганистан без реализирање на некои цели и претставува пораз сам по себе. Авганистан не стана функционална држава по доаѓањето на Американците во 2001 година. Тие дојдоа во веќе создадениот хаос. Тие го продлабочија тој хаос. Оваа територија е населена од многу различни кланови и племиња и различни верски струи и во самиот ислам. Знаеме дека талибанците се поврзани со Пакистан. Тука има многу измешани идентитети. Овде нема единствен покривен идентитет, единствено тоа е исламот, кој е на несигурни нозе поради различните струи. Со исламот дојде и национализмот, кој доби антизападен призвук, кон нешто што е погрешно и нечисто. Никому не му успеа да го модернизира начинот на живот во земјата. Ни Британците, ни Советите, ни сега Американците – коментира Видмаровиќ.

Морална обврска за Германија

„Дојче веле“ во својот осврт за случувањата на дводецениската „мисија“ на меѓународната коалиција предводена од САД, забележува дека била пропуштена можноста да се преговара со талибанците кога тие биле најслаби, а тоа е по нивниот непосреден пад во зимата во 2001 година. Западната демократија арогантно ги игнорираше корените и причините за авганистанскиот судир и своите воени и политички акции ги засноваше исклучиво на националните и внатрешнополитички фактори. Во почетокот главниот фокус на САД беа одмаздата за терористичките напади на 11 септември 2001 година и ловот на Осама бин Ладен.
За Германија суштината беше да се солидаризира со најважниот сојузник САД и да помогне во обновата на Авганистан. Ова беше и најдобар начин на гласачката популација да се „продаде“ германската мисија во Авганистан, пишува во анализата на ДВ.
Се чини, враќањето на трупите на НАТО на авганистанското боиште не е опција. Тоа што САД и нивните сојузници можат да направат е да извршат максимален политички и финансиски притисок на талибанците. По преземањето на власта во Кабул ќе бидат потребни многу пари, а тоа подразбира и соработка со земјите како Пакистан, Иран, Кина и Русија.
– Германија во овој момент има морална обврска брзо и небирократски да им помогне на луѓето што соработувале и работеле со германските војници и цивилни организации. Тие како наводни предавници можат да бидат цел за фундаменталистите. Но германската влада сѐ уште се двоуми да ги евакуира локалните лица и нивните семејства што работеле за Бундесверот и да ги префрли во Германија. Исто така срамно е Германија да се придржува на присилното враќање на лицата што се одбиени за азил. Време е за вистината, а тоа е дека германските војници во Авганистан имаа политичка мисија. Не треба да ги повторуваме грешките од најскапата и најкрвава германска мисија во странство, се заклучува во анализата на „Дојче веле“.