Максим Мојсеев, стјуард во авионот „сухој суперџет-100“, кој се запали на аеродромот Шереметјево, загина во обид да ја отвори вратата во задниот дел на авионот зафатен од пожар. Неговата намера била да им овозможи на патниците да излезат и така да им ги спаси животите, јавува руската новинска агенција ТАСС.

-Патниците беа евакуирани со помош на тобоган за спасување. Стјуардот Максим Мојсеев беше со патниците кои седеа во задниот дел на авионот. Тој се обидуваше да ја отвори вратата на задниот излез со цел навремено да се евакуираат патниците. Откако не успеа да го стори тоа, тој почна да им помога на луѓето да го напуштат авионот на други излези. Стјуардот остана во авионот се додека повеќето од патниците не беа евакуирани, а потоа загина во пожарот- изјави извор за ТАСС.

Во несреќата на рускиот авион „сухој суперџет-100“, во кој имаше 73 патници и пет членови на екипажот, загинаа 41 лице.

Авионот по половина час од полетувањето од Шереметјево, мораше принудно да слета назад на аеродромот во Москва, а точната причина за несреќата сè уште не е позната.

Девет лица се хоспитализирани, а 14 лица добија помош на самото место, и не се хоспитализирани.