Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска оцени дека воздушните удари во Сирија, што во саботата ги извршија САД, Велика Британија и Франција, ја намалуваат способноста на сириската Влада да изврши нови хемиски напади.

Столтенберг рече дека нападите претставуваат „јасна порака“ за сирискиот претседател Башар ал-Асад и Иран дека употребата на хемиско оружје не е прифатлива и оти сојузниците нема да стојат на страна и немо да набљудуваат.

Генералниот секретар на НАТО денеска престојува во посета на Турција на средби со претседателот Реџеп Тајип Ердоган, со шефот на дипломатијата Мевљут Чавушоглу, и со министерот за одбрана Нуретин Џаникли.

Столтенберг вчера во интервју за Анадолија изјави дека целта на неговата посета на Турција е подготовката за престојниот самит на НАТО во јули во Брисел.