Новоизбраниот ирански претседател Ебрахим Раиси во неговото прво обраќање кон медиумите го отфрли барањето на САД за поширок договор со Иран што би ги ограничил програмите за балистички ракети и би ги сузбил регионалните милиции, покрај ограничувањето на иранската нуклеарна програма, пишува „Њујорк тајмс“.

Раиси истакна дека нема преговарање за иранските балистички ракети и регионалните политики, како и дека нема да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден. Тој ги повика САД да го почитуваат договорот од 2015 година со кој Иран се согласи да ја ограничи нуклеарната програма за укинување на економските санкции со кои се соочуваше.

– Моја сериозна препорака кон американската влада е веднаш да се врати кон нејзините обврски, да ги укине санкциите и да покаже дека има добра волја – кажа Раиси на брифинг со домашните и странските новинари во Техеран, додавајќи дека нема преговори за регионалните прашања и милиции, како и дека САД не ги исполниле во целост обврските кон кои се обврзале.

Коментарите на Раиси сигнализираат зацврстување на иранските политики откако конзервативните сили преземаа контрола на сите области на владеење во Иран  – парламентот, судството, а наскоро и на претседателството. Раиси кој ќе стапи на функцијата во август, порача дека политиките на неговата администрација ќе бидат револуционерни и антикорупциски. Пораките на новоизбраниот ирански претседател не претставуваат изненадување за американските аналитичари бидејќи се во согласност со неговите позиции во текот на изборната кампања.

САД и Иран имаат разговори преку посредници во Виена за обновување на договорот од 2015 година. Упатените во ситуацијата од двете страни велат дека е изработена верзија на договорот и оти тој би можел да биде издејствуван во шесте недели до преземањето на функцијата од страна на Раиси, како што тврди „Њујорк тајмс“.