Автори: Џејмс Квили, Лора Њубери

Лос анџелес тајмс

Пред воведното обраќање на адвокатите во познатиот судски процес, минатата недела, Харви Вајнстин влезе во судницата со помош на друг човек и изгледаше како едвај да може да оди. Движејќи се бавно и со кривење, 67-годишниот посрамотен холивудски магнат седна на обвинителната клупа. Претходно се движеше со помош на бастун.

Додека помошничката на јавниот обвинител Меган Хаст ги нагласуваше грозоморните чинови за кои е обвинет Вајнстин, таа постојано зборуваше за различна верзија на могулот – високиот и крупен човек кој изгледал како џин во однос на жените за кои е обвинет дека ги злоупотребувал.

– Човекот што седи во тој дел од судницата, и покрај тоа што гледате со свои очи, воопшто не е безопасен старец – порача Хаст.

Во првата недела од сведочењето на судењето на Вајнстин за сексуално вознемирување, обвинителите постојано бараа од сведоците да го опишат корпулентниот изглед и физичката градба на могулот од почетокот на 1990-тите години, но и како изгледал во 2006 и во 2013 година – временската рамка во која три жени тврдат дека Вајнстин ги силувал на Менхетен.

Насочувајќи ги поротниците да ја видат сликата на една самоуверена, висока и крупна верзија на Вајнстин од минатото, наместо изнемоштениот човек кој едвај може да стои на нозе, може да одигра клучна улога во судењето, како што велат правните експерти.

– Ако имате нарушено здравје, судијата или поротата можат свесно или потсвесно да заклучат дека не можете да бидете целосно одговорни за вашите постапки – изјави Венди Марфи, професорка по законот за сексуално насилство на правниот факултет „Њу ингланд“ во Бостон и поранешна обвинителка за сексуални злосторства.

Вајнстин се соочува со обвинение за силување од прв степен, две точки од обвинителниот акт за предаторски сексуален напад, една точка за сексуален напад од прв степен и една точка за силување од трет степен. Тој ги негираше сите обвиненија, а неговите адвокати тврдеа дека секој наводен сексуален напад бил консензуална врска.

Вајнстин беше подложен на операција за намалување на притисокот во ’рбетниот столб во декември, само неколку недели пред почетокот на неговото судење, поради што не може да оди исправено и мора да користи помагало за движење. Могулот изјави дека операцијата била неопходна затоа што имал силни болки во грбот, по сообраќајната несреќа што ја имаше лани во август во Бедфорд, Њујорк. Полицијата од Бедфорд соопшти дека Вајнстин не бил хоспитализиран како резултат на несреќата и дека не пријавил никакви телесни повреди на денот на настанот.

Четири од тужителките на Вајнстин сведочеа минатата недела, а обвинителите побараа од нив да ја споредат нивната градба со онаа на могулот. Фотографии на кои се гледа крупната градба на коосновачот на „Мирамакс“ беа прикажувани на проектор меѓу поротата и клупата за сведоци секој ден, а во нивна близина претежно ситни жени даваа детално сведоштво. Вајнстин и неговиот табор негираа дека операцијата на грбот намерно била изведена во тој период за да има влијание врз судењето.

– Се работеше со проблем со грбот што од ден на ден се влошуваше и болките стануваа поголеми со секое негово движење по сообраќајната несреќа поради што на крајот операцијата беше неопходна. Нема никаква стратегија. Харви сака да биде здрав и да се движи без помош – изјави неговиот портпарол Џуда Енгелмејер.

Правните експерти велат дека често се случува обвинетиот да биде прикажан како безопасен или да се прави разлика меѓу сегашниот и претходниот изглед во време на стореното кривично дело.

Марфи се повика на кривичното судење од 2005 година во кое Мајкл Џексон беше обвинет за злоупотреба на 13-годишно момче. Џексон се појави облечен во пижами и се движеше чудно на едно рочиште во окружниот суд во Санта Барбара. Мегаѕвездата изгледаше ситно, наивно и психички нестабилно, според Марфи.

Во 2017 година се јавија сомнежи за Бил Козби, кога откри дека ослепел, во едно интервју што беше објавено еден месец пред почетокот на судењето поради обвиненија за сексуален напад во Пенсилванија. Комичарот, кој се соочи со слични обвиненија како Вајнстин, тврдеше дека го загубил видот кога се разбудил едно утро и не можел да гледа речиси две години. На крајот беше осуден за дрогирање и злоупотреба на вработено лице на универзитетот „Темпл“.

Марфи изјави дека намалената физичка и ментална состојба на обвинетиот или прикажувањето во поинакво светло понекогаш резултира со поблага казна, дури и ако обвинетиот е прогласен за виновен.

– Многу често се случува во судските случаи некој од обвинетите да е во одлична здравствена состојба, а потоа на следното судење да се појави во инвалидска количка или да оди со бастун – вели Марфи и додава дека обично не може да се одреди дали обвинетиот ја лажира здравствената состојба.

Истото важи и за случајот на Вајнстин. Покрај можноста неговиот изглед да влијае врз поротата, сите докази или аргументи за неопходноста на неговата операција речиси со сигурност ќе бидат недопустливи, освен ако не реши да сведочи, како што вели Димитриј Шахневич, адвокат за криминална одбрана и предавач на факултетот за криминална правда „Џон Џеј“ на Менхетен.

Без разлика дали операцијата беше стратешки потег, Шахневич предупреди дека тајмингот може лошо да се одрази, без оглед дали поротата ќе се посомнева во обидот на Вајнстин да манипулира со неа.

– Не знам дали ќе ги освои симпатиите. Некои сметаат дека операцијата намерно била изведена тогаш за да се совпадне со судењето – вели Шахневич.

Превод: Билјана Здравковска