Најмалку седум лица загинаа, а 21 лица се водат за исчезнати, кога синоќа во унгарскиот главен град Будимпешта се преврте туристички брод, објавија унгарските медиуми.

Национална новинска агенција МТИ наведува дека во бродот се превезувале 33 туристи од Јужна Кореја, а на бродот имало и двајца членови на екипажот. Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја потврди дека се исчезнати 19 Корејците и дека во Унгарија планираат да испратат свои претставници.

Портпаролот на туристичка агенција која ја организирала турата на Дунав, Ли Санг- мо рече дека меѓу исчезнатите има и едно дете. Бродот ,,Сирена” бил закотвен во близина на зградата на унгарскиот парламент и наводно во него удрил друг туристички брод, по што се превртел во реката, во која имало силни струи по големото невреме кошто ја погоди Будимпешта.

Според податоците на унгарскиот портал Индекс.ху, едно лице е пронајдено на повеќе од три километри од местото на потонување на бродот. Иако било во лоша состојба, спасителите успеале да му го спасат животот.

Потонатиот брод е пронајден во 2:30 часот кај мостот Маргарет. Во тек е спасувачка акција во која учествуваат десетина бродови. Целиот речен сообраќај во Будимпешта е запрен, а силните струи, како и ниските температури на водата, го отежнуваат пребарувањето по преживеаните.