Од Самитот на западните земји од Г7 беа упатени апели до талибанците. Соединетите Американски Држави дефинитивно го напуштаат Кабул во вторник, по истекувањето на рокот за евакуација, и покрај апелите од Европа да го задржат воздушниот мост отворен онолку колку што е потребно.

Г7 (Канада, Соединетите држави, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија и Германија) и Европската Унија ветија, по виртуелниот самит, дека ќе продолжат да евакуираат што е можно повеќе луѓе од Авганистан до следниот вторник, бидејќи САД не сакаат да ја продолжат евакуацијата по 31 август.

– Што побрзо завршиме, толку подобро. Секојдневната операција е се’ поголем ризик за нашите трупи – рече американскиот претседател, Џо Бајден.

Сепак, претседателот Бајден минатата недела посочи дека американските војници треба да останат во Авганистан додека не се повлечат сите американски државјани од таа земја. Портпаролот на Пентагон не може да каже колку американски државјани се уште се наоѓаат Авганистан. САД, Велика Британија, Франција, Германија и многу други земји досега извлекоа околу 60.000 луѓе од Кабул.

Претставниците на ЕУ, претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, уште еднаш апелираа до САД да го остават воздушниот мост отворен онолку колку што е потребно. Тие рекоа дека е „морална обврска“ да ги извлечат сопствените граѓани од земјата сега управувана од талибанците, но и Авганистанци кои работеа за Западот, жени, активисти и соработници на хуманитарни организации.

– Оние на кои им е потребна нашата помош во регионот се жени и деца. Знаеме кои се овие жени, каде се и на каква опасност се изложени – експлицитно нагласи Фон дер Лејен, додавајќи дека тие не смеат да паднат во рацете на криумчари на луѓе и криминални банди.

Групата од седум земји, исто така, се обврза дека ќе им помогне на соседните земји – Иран и Пакистан, во грижата за бегалците.

Засега, Канада, САД и Велика Британија им ветија на Обединетите нации дека секој од нив ќе прими 20.000 бегалци како дел од програмата за преселување. Претседателот на Европската комисија рече дека недостасуваат слични ветувања на ЕУ. Земјите-членки се во процес на консолидација.

Австрија веќе објави дека во секој случај не сака да прифати ниту еден бегалец од Авганистан. Фон дер Лејен предупреди дека кризата во Авганистан уште еднаш покажува дека ЕУ треба да усвои заеднички договор за миграција. Од 2015 година, ЕУ не успеа да се договори за унифицирана политика за азил, ниту за клучот за распределба на бегалците меѓу земјите -членки.

Членовите на Г7 ги повикаа талибанците да им дозволат на сите странци и Авганистанци да ја напуштат земјата ако сакаат, дури и откако воздухопловниот мост во Кабул ќе биде затворен.

ЕУ најави дека ќе продолжи со испорака на хуманитарна помош, која треба директно да стигне до луѓето што имаат потреба. Помошта за храна треба да се зголеми од 50 милиони на 200 милиони евра оваа година, најави претседателката на Европската комисија. Претходно, шефот на Светската програма за храна на Обединетите нации, Дејвид Бесли, итно апелираше за зголемување на неговиот буџет со цел да се избегне глад во Авганистан.

Досега, околу 40 проценти од населението доби храна од хуманитарни организации.

– Се разбира, сега ќе биде потешко да се продолжи со испорака на помош, со оглед на тоа што останаа многу малку луѓе на терен. Веќе нема да можеме да стигнеме до секого – предупреди претставник на ЕУ во доверливото интервју за Дојче веле во Брисел.

Државите од Г7 се согласија за едно: да ја признаат можната влада на исламистичките талибанци само доколку ги почитуваат човековите права и не ги ограничуваат правата на жените. Во спротивно, ќе им биде одбиена каква било финансиска помош.