Американскиот државен секретар Мајк Помпео повторно го обвини Пекинг за избувнувањето на пандемијата

Американскиот државен секретар Мајк Помпео повторно го обвини Пекинг за избувнувањето на пандемијата на ковид-19 и дека ја користи ситуацијата за напад врз соседите, иако претходно ја поздрави кинеската помош во медицинска опрема. Помпео изјави дека САД веруваат дека Кина не го известила светот навреме за инфекцијата, со што ги прекршила правилата на Светската здравствена организација, а и не соопштила дека новиот коронавирус се пренесува од човек на човек додека не се проширил по сите кинески покраини.

Според Помпео, Кина престанала да тестира нови примероци на вирусот, уништувајќи ги постојните знаења што не се споделени со надворешниот свет, со што оневозможила да се следи еволуцијата на болеста.
– Кина не ги сподели сите информации што ги имаше. Наместо тоа, криеше колку е опасна инфекцијата – истакна Помпео.

Тој го обвини и генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреисус, бидејќи не ја обвинил јавно Кина, земја-членка на СЗО, поради непочитување на правилата, иако Организацијата има обврска да обезбеди усогласеност со безбедносните стандарди во лабораториите за вирологија. На прашањето за медицинската опрема што САД ја добиваат од Кина, Помпео наведе дека очекува Кина да продолжи да ги исполнува своите договорни обврски.