Ситуацијата во Белорусија беше несигурна со децении додека претседателот Александар Лукашенко балансираше помеѓу Русија и Западот, извлекувајќи корист и од едните и од другите. Кризите во Белорусија секој пат претставуваа можност за руска интервенција, за да се спречи каква било можност дека Минск ќе и го сврти грбот на Москва и ќе ја прифати прегратката на Западот. Но ваквите ситуации секогаш поминуваа со стивнување на тензиите пишува „Политико“.

Во поглед на ваквата ситуација, моментниот излив на незадоволство во Белорусија досега е незабележан. Волјата и издржливоста на демонстрантите поттикнати од гневот поради насилните апсења и полициската бруталност ги изненадија сите вклучени страни – надворешните набљудувачи, белоруските власти, а во извесна мера и учесниците на протестите.

– Но за Русија, ситуацијата ги има сите состојки за долгорочна криза, за која можеби ќе биде потребна итна и решителна интервенција, вклучувајќи и воена акција. Двете последни воени интервенции на Русија, во Украина и во Сирија, претставуваа одговор на Москва која сметаше дека ситуациите се влошуваат и е потребна итна акција за да се избегне катастрофа. Закана за Москва не претставува само губењето на Белорусија. Ако демонстрантите постигнат успех во Белорусија, тоа покажува дека може да постои закана за темелите на моќта во Русија. Токму затоа, Русија има директен мотив да интервенира за да ја задржи контролата дома – се вели во анализата на „Политико“.

Ако Мосва го поддржи Лукашенко сега, тоа ќе ја згасне емпатијата за Русија во белоруската јавност. Цел на Русија затоа можеби нема да биде одржувањето на Лукашенко на власт, туку создавање на „конфликт преку посредници“, под маската на легитимитетот.

Наспроти одредениот интерес во ЕУ за судбината на Белорусија, неподготвеноста за контронтација со Русија значително ги намалува можностите, во кои се вклучени санкциите. ЕУ би можела да одлучи да одржува пријателски односи со Лукашенко за да ја задржи Русија надвор од конфликтот, но за неа, ова би претставувало потсмевање на сопствените принципи. Изолирањето на Лукашенко, пак, би го оставило белорускиот претседател без други можности, освен доближувањето до Москва – или ако Русија одлучи да дејствува, без опции освен отпор или капитулација.

Претходно, изборот за поддржување на Лукашенко ќе беше јасен. Сега, поради постапките на неговата полиција против демонстрантите, ваквата можност не е очигледна, бидејќи би претставувала предавство за белорускиот народ, заклучува „Политико“.