Во кабинетот на Европскиот комесар за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, сериозно се разгледува можноста да се одложи објавувањето на пакетот за проширување на ЕУ, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“, повикувајќи се на извори во Европската комисија.

Како што се наведува, оваа несигурност е последица на притисокот на некои земји членки на ЕУ, кои не се подготвени да расправаат за проширувањето на состанокот во јуни.

„Јуропиан Вестерн Балканс“, пак, јавува дека и покрај ваквите информации, извесно е дека усвојувањето и објавувањето на извештајот ќе биде извршено на 29 мај, како што беше планирано. Според нив, кабинетот на комесарот Јоханес Хан потврдил дека извештаите ќе бидат објавени идната среда, како што беше планирано.

Со оглед на кусиот период меѓу 29 мај и 18 јуни, кога ќе се одржи министерскиот состанок, земјите членки не биле во состојба да се обврзат дека ќе можат да се изјаснат околу прашањето за можно отворање на пристапните договори со Македонија и со Албанија, поради што се појавиле и информациите за можно одложување на извештаите.