Во некои земји континуирано се наметнуваат срамно неточни причини за почетокот на Втората светска војна, рече денеска рускиот претседател Владимир Путин, во поздравно обраќање на отворањето на изложбата „1939. Почеток на Втората светска војна“.

Изложбата, која беше отворена во Рускиот сојузен архив, го опфаќа периодот меѓу моментот кога Чехословачка престанала да постои како суверена држава во март 1939 година и германскиот напад врз Полска на 1 септември истата година.

-Втората светска војна беше ужасна катастрофа за целото човештво, нанесувајќи длабоки рани на милиони луѓе и оставајќи белег на судбините на генерациите, нагласи Путин.

Тој истакна дека, за жал, во некои држави се прават напори причините за Втората светска војна да се преправат врз основа на лични, политички и економски интереси, преку искривување на историските факти, пренесе агенцијата „Тасс“.