фото: Фејсбук

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Америка е виновна за тензиите во Европа.

Москва е крајно загрижена поради фактот што елементите на американската противракетна одбрана се распоредени во близина на руските граници и има целосно право на воено-технички одговор, додаде тој.

– Она што се случува сега, тензијата што постои во Европа е нивна вина – рекол Путин на состанокот на одборот на Министерството за одбрана во проширен состав.

Тој додаде дека Русија била принудена да реагира на секој чекор, ситуацијата постојано се влошувала и деградирала, а денес повторно е во ситуација кога е принудена да носи одредени одлуки.

Тој исто така рече дека Русија ќе преземе соодветни воено-технички чекори во случај на непријателски потези од страна на САД.

– Имаме целосно право на тоа – рече Путин, додавајќи дека Русија не бара никакви ексклузивни услови, туку само еднаква и неделива безбедност во Европа. Доколку инфраструктурата на НАТО продолжи да се движи и ако се појави на територијата на Украина, времето потребно за ракетите да стигнат до целта ќе се намали на 7 до 10 минути, а хиперсоничното оружје на пет минути – предупреди рускиот претседател.

Зборувајќи за барањето на Русија за безбедносни гаранции од НАТО и од САД, Путин рече дека е неопходно да има некои правни, а не само усни гаранции.