Повеќе од стотина Палестинци се повредени во вчерашните судири со израелската полиција на платото пред џамија во Источен Ерусалим, во продолжението на протестите во Светиот Град. Новите немири се случија на Денот на Ерусалим, според хебрејскиот календар се слави израелското освојување на Стариот Град во шестдневната војна во 1967 година. Вчераутро илјадници Палестинци фрлале проектили на израелските сили. Неколку десетици повредени биле пренесени со возила на итната помош
– Во судирите се повредени неколку стотици луѓе, од нив педесетина се хоспитализирани – објави палестинската Црвена полумесечина.
Израелската полиција соопшти дека се спречени насилствата и во другите делови на градот и нагласи дека „нема да им дозволи на екстремистите да им се закануваат на граѓаните“.

Во петокот вечер на истото место дојде до соочување меѓу Палестинците и полицијата, кога беа повредени 200 лица. Израелската полиција во саботата вечер повторно се судри со Палестинците пред Стариот Град во Ерусалим, а претходно спречи автобуси со муслимански верници што се движеа кон тој град. Судирите избувнаа пред џамијата „Ал-Акса“, каде што се собраа околу 90.000 Палестинци, а во Источен Ерусалим полицијата употреби шок-бомби.
Напнатоста е голема во градот пред судското рочиште за повеќегодишниот случај на палестинските семејства. Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, смета дека Израел „мора да покаже максимална воздржаност и почитување на правото на мирно собирање“, изјави портпаролот на Светската организација, во однос на зголемените тензии во Источен Ерусалим околу џамијата „Ал-Акса“, третата најважна џамија за муслиманите.
– Генералниот секретар изразува длабока загриженост за континуираното насилство во окупираниот Источен Ерусалим, како и за можното иселување на палестинските семејства од нивните домови – рече портпаролот на ООН, Стефан Дужарик.