Ерменските власти денеска прогласија воена состојба и општа мобилизација откако избувнаа нови судири во Нагорно-Карабах меѓу тамошните сепаратисти поддржани од Ереван и азербејџанските сили.

– Во Ерменија е прогласена воена состојба и општа мобилизација. Ги замолувам сите борбеноспособни граѓани да се појават во воените претставништва – напиша ерменскиот премиер Никол Пашинјан на Фејсбук.

Тој исто така го повика населението да биде „подготвено да ја брани светата татковина“.

– Силно да ја поддржиме нашата држава, нашата армија, и ќе победиме. Да живее славната ерменска армија – напиша премиерот.

Пред Ерменија и Нагорно-Карабах прогласи воена состојба и општа мобилизација на машкото население, објави претседателот на самопрогласената држава, Арајик Арутјунјан.

Ерменија и Азербејџан денеска започнаа нови судири околу регионот Нагорно-Карабах.

Тие веќе четири децении се во конфликт околу регионот, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на Ерменците.

Министерството за одбрана на Ерменија објави дека ерменските сили собориле два азербејџански хеликоптера и три беспилотни летала во Нагорно-Карабах.

Властите во Баку, пак, претходно објавија дека ерменските сили отвориле оган долж линијата на раздвојување и дека имало цивилни жртви.