Огромниот брод што една недела го блокираше Суецкиот Канал е поместен рано утрово, објавува „Ројтерс“.

Бродот беше успешно поместен во 4.30 часот наутро и оттогаш се работи на неговата безбедност.

– Евер Гивен“ беше успешно вратен на својата соодветна позиција утрово во 4.30 часот наутро и во моментов е безбеден – соопшти компанијата на својот профил на Твитер.

Според „Блумберг“, иако спасувачите успеале да го стартуваат бродот, сè уште не е познато кога Суецкиот Канал ќе биде отворен за сообраќај, пренесуваат светските агенции.

„ВеселФиндер“, страницата која го следи движењето на брод, го смени статусот за овој брод и напиша дека бродот е „на пат“, односно дека бродот веќе не стои во место.

„Евер Гивен“ кој е долг 400 метри, дијагонално го блокираше Суецкиот Канал во речиси бизарна несреќа, минатиот вторник.

Потоа започна голема акција за придвижување на бродот, во која учествуваа и други бродови и багери, копајќи песок на брегот со цел да го ослободат бродот.

Вчера беше постигнат првиот значаен успех кога бродот беше благо поместен и под него почна да тече вода.

Целиот брод беше поместен 12 часа подоцна, во текот на ноќта.

Во меѓувреме, беше создаден огромен метеж во сообраќајот пред Суецкиот Канал.

Најмалку 369 бродови чекаа да поминат. Многумина размислуваа за повторно активирање на старата морска рута околу Африка.

Економската штета што беше претрпена се мери во милијарди долари, пишуваат агенциите.

Суецкиот канал се наоѓа во областа на Египет и е една од најпрометните и најважните поморски патишта во светот. Каналот беше вештачки ископан во 1869 година и значеше огромна промена во морепловството бидејќи го скрати повеќедневното патување околу Африка со бродови кои одеа од Европа во Азија и обратно.