Пламени во ридовите во канадската провинција Британска Колумбија, чад на автопатите кои водат кон грчкиот главен град Атина и изгорени шумски предели во руски Сибир беа забележани додека северната хемисфера се соочува со големи пожари од почетокот на минатиот месец, пишува магазинот „Тајм“.

Повеќето држави и претходно се соочуваа со пожари во текот на летниот период, но климатските промени создаваат услови кои му овозможуваат на огнот да се шири побргу и посилно.

Западните делови од САД се погодени од силни топлотни бранови додека продолжува долг сушен период. Минатиот месец избија пожари во Орегон и во Калифорнија уништувајќи земјиште од 230 илјади хектари, додека на национално ниво беа опфатени над милион хектари годинава.

И Британска Колумбија во Канада стана симбол на екстремното уништување што го носат пожарите. Гратчето Литон беше едно од најтоплите места на светот со рекордна температура од 49,5 Целзиусови степени. А потоа силен пожар се прошири низ градот уништувајќи до 90 отсто од неговите градби, оставајќи им на жителите кратко време за да избегаат.

Државите од Јужна Европа сега се соочуваат со еден од најголемите топлотни удари во изминатите неколку децении. Пожари избија во Македонија, Грција, Турција, Италија, Либан…

На северот на Стариот Континент, во Финска, каде што пожарите се реткост, огнената стихија проголта 300 хектари на шума во последната недела на јули, што е најголемиот пожар со кој се соочи скандинавската држава уште од 1971 година.

Дел од најзагрижувачките пожари, во смисла на справување со климатските промени, се забележани во сибирскиот регион на Јакутија, каде што изгореа повеќе од 4,2 милиони хектари годинава. Научниците стравуваат дека пожарите би можеле да доведат до испуштање на големи количества метан, за што предупреди и опсерваторијата на ЕУ, „Коперникус“, велејќи дека пожарите резултирале со ефект еднаков на испуштање на 505 мегатони јаглерод диоксид во атмосферата.

Ваквата ситуација претставува ризик за зголемување на температурите и создавање на услови за можно избивање на пожари, заклучува „Тајм“.