ЖитарЖитар

Да, секако дека нацилибералната хистерија успеала да навлезе дури и меѓу спортските дисциплини, па нема да ме зачуди ако веќе утре ги обвинат Русите дека се расисти зашто во нивниот тим има премногу Руси. А Русите руси во тенот. Можеби и Кенијците се расисти, оти па ним слабо им оди со присуство на бела раса

Го сакам август. Житар е мој месец. Во него сум роден. На Свети Пантелејмон и Свети Климент. Овој месец ќе полнам четириесет и четири. Уште малку половина век. Направив ли нешто корисно за битисувањето? Не знам. Напишав стотици страници книжевност. Нешто е објавено, нешто допрва ќе се објави. Има ли некаква корист од тоа? Не верувам. Добро, јас имам корист. Да не го исфрлам тој оган од себе, мене ќе ме согори. Или поезијата. Донесоа ли некому духовна радост моите стихови? Можеби. Сум видел кај некои жени, кај некои мажи, силна промена во очите по читање мои стихови. Ете, можеби тоа е мојата цел… поезијата… таа ќе остане и по мене. Доволно ли е тоа? Веројатно, не. Натерав многу луѓе да ме сакаат. Без смислена намера. Да ме сакаат, да се грижат за мене. Оти мене баш и не ме бива снаоѓањето низ ова битисување. Зошто ме сакаат? Одговорот е повторно ист… не знам.
Се тепав малку за Македонија. Едно дванаесет години. Се тепав за името, идентитетот, јазикот. Преку зборови. Се тепав со светската изопачена моќ, политичките корисни идиоти, интелектуалната бижутерија. Изгубив во тепачката. Македонија административно е збришана. Се роди зомби Нордистан. Останаа само уште неколку чекори до целосен идентитетски геноцид. А јас тогаш молев бога да грешам. Сакав да излезам идиот за каков ме смета граѓанството луѓенца. Се надевав дека тие ќе излезат во право, дека сè е во мојата небањата глава.
Излезе дека сум во право. Излезе дека тоа што го пишувам, се случи. А тоа за мене значеше пораз во битката за идентитетот. Ме поразија светската изопачена моќ и македонскиот народ. Не политичките марионети и нивната интелектуална бижутерија. Светската моќ ме порази затоа што е нестварно моќна и си го оствари планот за ликвидирање на Македонија. Македонскиот народ ме порази затоа што излезе дека и не му е баш гајле за ликвидирањето на Македонија. Па, не гинеа тие за да има држава. Тоа беа некои комити и партизани, кои не ти ги плаќаат сметките.
Така е со мене. Книжевност, љубов и Македонија. Преостанатото се гревови. За нив ќе ми треба циклус колумни. И тие се за пред бога.

Го сакам житар. Почнува со Свети Илија, завршува со Богородица. Во средина е Преображение, за мене симболично најголемиот празник. Тука се и деновите на Света Марија Магдалена, пророкот Језекил, Свети Пантелејмон, Свети Климент, Светите Борис и Глеб.
Го сакам Скопје во житар. Изгледа како Пандорина кутија, без надеж дека ќе заврне. Сонцето стига до својата поетска кулминација. Градот е празен. Нема фрустрации, хистерија и врева. Заминати се смеата, љубовните воздишки, детскиот џагор. Скопје спие и кога е будно.
Го сакам август. Житар е мој месец. Во неговата средина започнува Премиер-лига. Јас и Ливерпул, а животот трае деведесет минути. И не само тоа. На секои четири години, во житар има Олимпијада. Оваа година, онаа ланската, во Токио. Да ви откријам една тајна. Можеби ќе се смеете. Сеедно. Јас секогаш плачам кога пред мои очи ќе се собори светски рекорд. Цело тело ми трепери од радост, како јас да сум го соборил. Оваа година двапати плачев. За малку и третпат, ама генијалниот американски фрлач на ѓуле не успеа за сантиметри. За мене Олимписките игри се радост на душата. Без разлика каква масонска заднина им се става во заднината. Јас едноставно сум вљубен во спортот.
Но оваа година однесувањето на дел од американските спортисти ме разочара. Само дел, оти повеќето Американци што настапуваат на Олимпијадата се врвни спортисти, исклучителни личности што знаат и почитуваат ферплеј. Ама двајца пливачи и дел од спринтерскиот тим многу разочараа. Најпрво она „плачење“ на пливачите дека изгубиле од натпреварувач што не смее да се натпреварува. Секако, мислат на младиот Русин, кој ги изненади во базенот. Секако, преку него мислат на сите Руси. Затоа што Русија во Токио настапува обезимена и без химна поради допинг-скандал што никогаш не беше докажан и точно изгледа како дел од политичката војна на Западот против Русија. Што е одвратно спрема спортот. Како и да е, Русија го поднесува понижувањето од западниот империјализам, но спортист да се лигави дека противникот не смее да настапува затоа што го победил е крајно неспортски. Си велев, зарем изопачената неолиберална политичка хистерија ги зафатила овие млади луѓе за кои логиката вели дека треба да имаат големи спортски срца и отворен ум? Да, секако дека нацилибералната хистерија успеала да навлезе дури и меѓу спортските дисциплини, па нема да ме зачуди ако веќе утре ги обвинат Русите дека се расисти зашто во нивниот тим има премногу Руси. А Русите руси во тенот.

Можеби и Кенијците се расисти, оти па ним слабо им оди со присуство на бела раса. Дека светот оди бестрага веќе видовме и во односот на британската јавност спрема италијанската репрезентација во фудбал. Нешто слично се случи и по трката на сто метри. Дел од спринтерскиот тим на САД бараше да се повтори трката, затоа што патиките на Италијанецот што победи не биле фер. А ха, многу брзо трчале. Прекрасно! Ќе повторам, вака се однесуваа само дел од Американците. Другите покажаа врвни карактерни особини што треба да го красат секој спортист.
Го сакам август, мој си е житар. Иако тој секоја година знае да биде немилосрдно заебан. Мислам на пожарите, оти житар е, земјата бара да биде допрена од сонцето. Понекогаш тој допир е многу силен, па гори. Нема да навлегувам зошто хеликоптерите на моќниот НАТО Нордистан не летаат ноќе, а авионите за гаснење пожари не се сервисирани, зашто пологично е да се донираат пари за „Нотр дам“ или да се купат владини автомобили и лубриканти, отколку да се гасат некои таму Кокино, Кочани и Пехчево, кои воопшто не звучат модерно и прогресивно. Тука ќе споменам за една мошне интересна ментална состојба што лебди во висините над нас, оти оние што се наоѓаат во неа, секако, нè гледаат од високо како една урбана елита на граѓанство луѓенца. Е па, тие, урбаните елитисти, за време на шарената хистерија го обвинуваа Груевски зашто не предупредил дека ќе има земјотрес во Скопје, па тие како нежни, ем секогаш бањати, многу се вознемирија.

Толку врескаа хистерично, што мене наеднаш земјотресот ми стана мил, па ми дојде да му отворам врата и да го поканам на пијачка. И еве, сега го нема Груевски, по улиците тече мед и млеко, новото име ни ги плаќа сметките, ама ни се случија пожари. И што направи вообразената елита, која не се сети дека може да гаси пожар со мед и млеко што течат по улици? Па, ни објасни дека пожари, за разлика од земјотреси, има секаде низ светот, а секако Груевски е виновен затоа што пет години не ги сервисирал авионите, туку најкриминално си ги лади… знаете што, во Будимпешта. Веројатно и Тито е виновен што не го сервисира редовно оној кутар фап. Менталната состојба на оваа хистерична елита е толку интересна што просто е невозможно писател да не ги смести во роман.