Повеќе од 500 училишта и детски градинки во Малезија денеска беа затворени откако десетици лица беа хоспитализирани со симптоми што се совпаѓаат со вдишување отровни гасови.

Повеќето од 75-те хоспитализирани ученици имале проблеми со дишењето, повраќале и имале вртоглавица. Постои сомневање дека вдишале токсични гасови, најверојатно од отпадот што фабриките го фрлале во јужната малезиска држава Џохор, во близина на границата со Сингапур.

– Се чини дека има фабрики што не се премногу загрижени за безбедноста, па инцидентот се повторува. Затоа треба да ги идентификуваме оние што се одговорни – изјави малезискиот премиер Махатир Мухамед.

Сличен инцидент во Малезија се случи во март, кога беа хоспитализирани 1.200 лица со слични симптоми.