Границата меѓу Северна и Јужна Кореја е најсилно утврдената граница на светот. Демилитаризираната зона долга четири километри има висока ограда со бодликава жица, мински полиња, сензори и околу два милиона војници од двете страни. Но, еден Севернокореец на 3 ноември успеа со леснотија да пребегне во југот, благодарение на олабавените шрафови во сензорот на алармот, пишува „Њујорк тајмс“. 

Бегалецот, поранешен гимнастичар во неговите доцни 20-ти години, успеал да се протне под оградата, и ја избегнал активацијата на алармот. Јужнокорејската војска соопшти дека по направената истрага било откриено оти сензорите имаат лабави шрафови, што го направиле системот дефектен.

Ова е најсрамното нарушување на безбедноста на границата во последните неколку години за Јужна Кореја, а поради инцидентот морала да ги провери сите сензори долж границата долга 250 километри.

Пребегнувањата низ Демилитаризираната зона се релативно ретки и опасни. Кога некој од Северна Кореја ќе ја помине копнената граница незабележано, тоа отвора прашања за националната безбедност на Јужна Кореја, бидејќи двете земји технички останаа во војна по примирјето кое го запре корејскиот конфликт што траеше од 1950 до 1953 година.

Повеќе од 33.000 луѓе од Северна Кореја пребегнаа откако се случи катастрофалниот период на глад во 90-тите години на минатиот век. Но, повеќето тоа го прават преку Кина, за на крај да стигнат во јужнокорејска амбасада во некоја друга земја.

Во 2012 година, војник на Северна Кореја не само што ја преминал бодликавата ограда незабележано, туку тој морал да затропа на вратата од бараката во која биле сместени војниците на Југот за да го привлече нивното внимание и да соопшти дека пребегнал. Затоа, Јужна Кореја ги постави сензорите, на тој начин засилувајќи ја безбедноста на границата.