Светските медиуми и Сириските демократски сили (СДС) изминатава недела прогласија победа врз Исламската држава (ИД) во Сирија. Но, дури и во моментите кога курдските сили поддржани од САД го преземаа последното упориште и територија на ИД, сојузниците и западните демократии не се ни близу до целосно уништување на економската империја на терористичката организација, објави магазинот „Атлантик“.

Организацијата останува финансиски многу моќна и сè уште има пристап до стотици милиони долари (според проценките на некои експерти), со што уште може да ги користи претходно воспоставените принципи за генерирање пари. Богатството на ИД може да претставува сериозен ризик и закана, бидејќи овозможува задржување на верноста на посветените следбеници, односно продолжување на спроведувањето на нејзината агенда, преку терористички напади.

Финансиската моќ на ИД претставува поширок предизвик за САД и сите други влади во светот кои се обидуваат да ја спречат во активностите. Пред сè Вашингтон, но и другите влади започнаа да спроведуваат фундаментално различна стратегија од онаа со бомбардирање и напаѓање на центрите на моќ на ИД. Главно, новата стратегија се засноваше на санкционирање на бизнисите поврзани со ИД, оневозможување пристап на организацијата до меѓународниот финансиски систем и слично. Успесите можеби не се видливи како преку воените напади, а кампањата против џихадистите можеби ќе трае со години, без гаранција за успех.

Ослободувањето на териториите од окупацијата на ИД, е меч со две острици за луѓето кои се обидуваат да им ја прекинат достапноста до ресурсите. Од една страна, целосната загуба на териториите предизвика терористичката група да ги загуби двата најголеми извори на приходи, односно експлоатацијата на нафтените полиња во Ирак и Сирија и оданочувањето на луѓето кои живеат под нивно управување. Овие методи играа главна улога во трансформирање на ИД во најбогатата терористичка организација во светот, а се проценува дека тие грубо заработувале еден милион долари на ден, користејќи ги овие два принципи.

Од друга страна, со загубата на териториите, ИД е ослободена од сите трошоци за изградба на самопрогласениот Калифат, што им овозможува целосно да се посветат на терористичка активност.

Воената победа врз ИД е чекор во вистинска насока за уништување на организацијата, но исто така и дозволува на групата да ја засили својата економска стратегија која и користи долги години, заклучуваат од „Атлантик“.