Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската економија во првите месеци годинава бележи зголемување на извозот на пазарот во Русија за 41 процент. Притоа само кај земјоделските и прехранбените производи порастот изнесува 90 проценти во јануари, споредено со истиот месец минатата година.

Ова беше истакнато на вчерашната свеченост по повод одбележувањето 14 години Македонско-руска стопанска комора посветена на иднината на економските односи со Руската Федерација. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека Руската Федерација е значаен трговски партнер на нашата земја и напорите на Владата се во насока на интензивирање на економската и секоја друга соработка.

Според него, извозот на македонските земјоделски производи на рускиот пазар се одвива непречено, не постои застој при влез во Руската Федерација на македонски камиони.

– Интензивирањето на економската и секаква друга соработка ќе биде централна тема и на идниот состанок на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговска, економска и научнотехничка соработка, која оваа година во Скопје ќе се обнови по петгодишна пауза – рече Николовски.

Рускиот амбасадор Сергеј Александрович Баздникин изрази благодарност за поддршката за продолжување на дијалогот на заедничката меѓувладина руско-македонска комисија за соработка, со надеж дека ќе доведе до продлабочување на економските врски и до интензивирање на трговијата и на инвестициските проекти.

Тој посочи дека резултат од заедничките напори на двете страни е зголемувањето на извозот на македонски производи на рускиот пазар во 2019 година за 41 процент.

Потпишани се и нови договори за извоз на македонски вина и на свежо овошје и зеленчук на пазарот на Руската Федерација, а наскоро земјата ќе ја посетат претставници од руската служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор (Россељхознадзор), за да ги решат проблемите поврзани со привремена забрана за некои видови македонско овошје во Русија.

– Резултатите од работата на Македонско-руската стопанска комора се евидентни. Сепак, не треба да останеме таму каде што сме. Сѐ уште имаме значителен нереализиран потенцијал за соработка. Ние сме подготвени да соработуваме толку поинтензивно колку што сакате – рече Баздникин.

Од Македонско-руската стопанска комора истакнаа дека еден од најзначајните проекти што ги спроведуваат за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји и создавање поволна клима за соработка со руски бизнис-партнери е трговскиот изложбен простор „Македонски дом“, отворен во Москва точно пред две години, на просторот на најголемиот земјоделски кластер „Фуд сити“. Проектот, кој е финансиски поддржан од државата, е насочен кон значаен маркетинг и директно зголемување на продажбата на производи од македонското стопанство на големиот руски пазар, но и за пазарите на други земји од Евроазиската унија.

– Според информациите добиени од стопанствениците, а гледајќи ја вкупната статистика, станува јасно дека и во иднина мораме да се потрудиме за намалувањето на големиот финансиски дефицит во трговската размена со Русија, и тоа во услови на сложена економска состојба во светот. Токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на производителите на земјоделски производи – рече претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Ѓорги Дика.

Македонско-руската стопанска комора е формирана на 25 март 2005 година од неколку македонски компании што извезуваат на рускиот пазар, а денеска е деловна асоцијација што има над 150 членки.
Е.Р.