Новата шпанска левичарска Влада на премиерот Педро Санчез планира да го отстрани посмртните останки на фашистичкиот диктатор Франциско Франко од неговиот мавзолеј. што се наоѓа во близината на Мадрид.

Претставникот на Владата, Оскар Пуенте изјави дека цел на ваквата мерка е желбата на властите таа локација да биде „место на сеќавање на Граѓанската војна, а не на глорификација на диктатурата“.

– Одлуката за ексхумација на посмртните останки на Франко е сосема јасна – нагласи Пуенте, додавајќи дека Владата сака таа локација да биде „место за оддавање почит и за сеќавање на сите Шпанци“.

Мавзолејот се наоѓа во комплексопт наречен „Долина на загинатите“, кој уште опфаќа и базилика и крст висок 150 метри. Комплексот го граделе политички затвореници, а го отворил самиот Франко во 1959 година.

Иницијативата за отстранување на посмртните останки од мавзолејот постои веќе неколку години, но претходната Влада на конзервативната Народна партија ја отфрлаше таквата идеја, со образложение дека тоа само ќе ги разбуди болните сеќавања 40 години по смртта на Франко и осум децении по завршувањето на Шпанската граѓанска војна.