Во Брисел заврши четвртиот круг од консултациите помеѓу Европската Унија, Русија и Украина околу постигнувањето договор за продолжување на испораката на руски гас во Европа преку украинска територија. И покрај тоа што сите учесници различно го толкуваа исходот од најновата рунда консултации, тие изразија надеж за продолжување на преговорите, пренесува „Геополитика“.

Рускиот министер за енергетика Александар Новак изрази одредено задоволство од состанокот и порача дека руската страна погледнала како се реализира имплементацијата на европското законодавство во украинското законодавство. Новак додаде дека украинските претставници се подготвени за директна испорака на гасот и дека наредната рунда од разговорите ќе се одржи кон крајот на јануари.

Од друга страна, потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчович изрази скептицизам околу резултатите од состанокот и порача дека учесниците во разговорите мора да разберат дека времето забрзано одминува. Шефчович порача дека е разочаран од резултатите на преговорите и оти не е забележан никаков напредок.

– Се надевам на постигнување добро решение во наредната фаза од преговорите – додаде претставникот на ЕУ.