Сведоштво на авганистанскиот новинар Рамин Раман за „Гардијан“

Денот кога талибанците го заземаа Кабул започна со повик од мој пријател во Германија. Тој ми рече веднаш да тргнам кон аеродромот, каде што авион ќе ги транспортира членовите на германската амбасада надвор од Авганистан. Пријателот го додал моето име на нивната листа, бидејќи јас работев за германски медиуми, ја започнува својата исповед Раман.

– Немав време да размислувам. Ги зедов само мојот лаптоп и мобилен телефон. Страв ме обзеде истиот миг кога се најдов надвор на улицата. Во животот не сум осетил толку многу страв и притисок. На аеродромот немаше полиција, а војниците беа во мал број. Не поседував виза, па ми беше страв дека ќе ме одбијат од авионот. Доколку тоа се случи, не би знаел што да правам.

Луѓето околу мене беа во голема паника. Дури и оние со билети стравуваа, бидејќи немаше гаранција дека авион воопшто ќе дојде за нив. Потоа, почнаа да го оштетуваат аеродромот, да кршат стакла и да прават неред. Авион што леташе за Турција беше преполн. Оние кои не можеа да влезат викаа на сиот глас, ќе умреме доколку не нѐ пуштите. Околу девет часот вечерта, случнавме дека талибанците влегле во аеродромот. Луѓето врескаа и трчаа без контрола.

Го побарав мојот пријател во Германија кој ми рече дека евакуацијата на Германците следува дури наредниот ден. Но тогаш, како среќата да ми се насмевна. Забележав американски трупи како водат мала група луѓе. Ова е американско тло, не грижете се, талибанците нема да дојдат овде, кажаа тие. Затрчав со група луѓе кон нив, додека во позадина слушавме пукотници кои беа многу блиску до нас.

Тогаш, сите се качивме во големиот авион. Немаше седишта, сите стоеја збиени и не можевме да дишеме. Родители ги држеа своите деца над глава, за да не бидат изгазени и повредени. Но, авионот не полета. Имаше премногу луѓе, и тогаш војници почнаа да ги вадат најблиските до вратата. Забележав мајки како со страв ги држат во раце своите бебиња и се почувствував многу виновно. Затоа одлучив да излезам од авионот.

Но, кога стапнав надвор, американските трупи добија информација за можна закана. По 20 минути што се чинеа како цела вечност, ми рекоа да влезам и авионот полета. За сите внатре тоа беше неверојатен и среќен момент. Летањето беше стресно, немаше вода, храна и беше презагушливо. Слетавме во Катар и бевме пренесени во американска воена база. Кога пристигнавме, истовремено почувствував измешани емоции – среќа, тага, збунетост, исцрпеност и фрустрација.

Ја искористив шансата да го сменам мојот живот и да избегам од многу страшна ситуација. Тажен сум што оставив сѐ. Жалам за Авганистан. Но, пресреќен сум што сум жив – вели Раман.