Жената која го изврши синоќешниот оружен напад во седиштето на „Јутуб“ во Калифорнија, во кој беа повредени четири лица, е идентификувана како Насим Агдам (39), чиј мотив за пукањето претставува омразата кон компанијата, како што откри нејзиниот татко за американските медиуми. Таа изврши самоубиство со пиштол по нападот. 

Агдам објавила видеоснимка токму на Јутуб во јануари 2017 година во која негодува оти компанијата ја „дискриминира и филтрира“ нејзината содржина. Таа ја обвинила компанијата оти е виновна за слабата гледаност на нејзиниот јутуб-канал кој имал околу пет илјади следбеници, за потоа да додаде дека „не добила еднаква можност на Јутуб“. Нејзиниот татко Исмаил, исто така, кажа дека Агдам била гневна откако „Јутуб“ престанал да и плаќа за видеата што ги објавувала на платформата. 

Жената се опишувала како активистка за правата на животните, веганка и бодибилдерка. Медиумите посочија и оти таа го цитирала Адолф Хитлер во нејзините видеа.

Агдам испукала 40 куршуми од пиштол, при што ранила еден маж и две жени, пред да се застрела себеси. Според одредени информации, таа била во врска со еден од повредените во нападот.