Повеќе од 500 планинари биле спасени од вулканската планина Ринџани на индонезискиот остров Ломбок, каде што останаа заробени поради одрони предизвикани од силниот земјотрес пред два дена, соопштија денеска локалните власти.

– Вкупно 542 планинари се евакуирани. Останаа уште шест лица на планината. Сите се добро – наведува националната агенција за управување со кризни состојби.

Меѓу спасените планинари има 189 странци.

Уште шест планинари и едно мртво тело се пронајдени на планината утрово и во тек се напори за нивно спасување.

Најмалку 16 лица загинаа, а над 350 се повредени во земјотрес со магнитуда од 6,4 степени што го погоди Ламбок и соседните острови во неделата – соопшти Агенцијата. Земјотресот уништи околу 1.000 куќи.

Ринџани, висок 3726 метри, е вториот највисок вулкан во Индонезија, во која се активни околу 130 вулкани.

Индонезија лежи на таканаречениот пацифички огнен прстен и е позната по сеизмичките активности.