Две атентаторки кои измамија авганистански разузнавачач ветувајќи му секс пред да го застрелаат и да го фрлат неговото тело на гробишта се меѓу илјадниците талибански криминалци ослободени во рамки на новиот кревок мировен план во Авганистан, пренесува „Јаху њуз“.

Иако радикалните исламисти им забрануваат многу нешта на жените, честопати принудувајќи ги да останат дома, тие сепак не избегнуваат да ги користат жените како убијци.

Музган и нејзината тетка Насрин беа ослободени од затвор во септември откако признаа дека се членови на талибанската екстремна мрежа „Хакани“. Двете жени чекаа смртна казна поради извршувањето на неколку убиства, вклучително и убиство на авганистански разузнавач во нивниот дом. Тие ја користеле ќерката на Насрин како мамка, по наредба на талибанскиот командант.

Жените-атентаторки не само што биле вешти во спроведување на нивната стапица, туку и во извршувањето на громорозните убиства, меѓу кои вклучително и на некои нивни роднини. Не е невообичаено членови од семејство да заземаат спротивставени страни во долготрајниот конфликт во Авганистан. Двајца мажи од нивното семејство, кои биле полицајци, починале од рацете на овие две жени. Едниот бил отруен, додека другиот убиен од бомба поставена под седиштето на неговиот автомобил.

Пред да бидат уапсени во 2016 година, тие извршиле и напад со граната, а биле и дел од вооружен напад на верски објект, како и на полициска станица.

– Ваквите случаи се речиси нечуени досега. Талибанските норми и идеологија цврсто стојат на тоа жените да не излегуваат од домашната сфера. Да се дозволи да учествуваат во напади или да признааат дека биле дел од војната, би било спротивно на основните идеолошки принципи на нивното движење – вели аналитичарката Ешли Џексон од институтот „Оверсис девелопмент“.

Насрин и Музган беа меѓу последните од 400 најопасни затвореници што беа ослободени. Трета затвореничка која е ослободена во размената, иранската државјанка Наргис, беше осудена за убиство на припадник на американската полиција во Кабул во 2012 година, а е позната како изведувач на првиот напад спроведен од страна на жена во Авганистан. Талибанските власти соопштија дека меѓу ослободените има уште две жени и дека сите се вратени во своите домови.