Францускиот претседател Емануел Макрон прогласи вонредна економска и социјална состојба, по бранот протести што ја потресоа Франција. Во обид да го намали незадоволството на демонстрантите, предводени од движењето „Жолти елеци“, Макрон вети зголемување на минималната месечна плата за 100 евра месечно од 2019 година, како и други мерки. Сепак, тој не се откажа од даночното олеснување за богатите. Истовремено, најголемиот француски синдикат порача дека најавените мерки на Макрон не се доволни, и за петок најави одржување на нови протести во Париз и низ земјата, пренесуваат светските медиуми.

Во телевизиското обраќање до нацијата, Макрон, исто така, најави дека планираните даночни зголемувања на пензиите нема да важат за оние со приходи помали од 2.000 евра.

Работодавците што можат да си го дозволат тоа треба да им платат на своите работници посебен бонус на крајот од годината, кој ќе биде ослободен од даноци и социјални давачки – истакна францускиот претседател.

Истовремено, Макрон не се откажува од ослободувањето на данокот за најбогатите. Во своето обраќање, тој не пропушти да посочи дека постои гнев и незадоволство кај многу Французи. Оценувајќи дека тоа е оправдано, ги спомена самохраните мајки, пензионерите, работниците. Тој уште на почетокот порача дека мирот и поредокот во републиката мора да владеат, истакнувајќи дека никое незадоволство не ги оправдува нападите врз полицајците, жандармите, продавниците или јавните згради, најавувајќи дека виновниците за ова насилство ќе бидат казнети.

Од друга страна, државниот секретар на француското министерство за јавни сметки, Оливие Дисопт, изјави дека мерките што ги најави Макрон за смирување на бранот протести низ земјата, ќе чинат меѓу осум и десет милијарди евра.

– Моментално сме во процес на прецизирање на расходите и ќе видиме како ќе го финансираме тоа – додаде Дисопт за француската телевизија БФМ.

Кратко време потоа, генералниот секретар на францускиот синдикат Генерална конфедерација на труд (ЦГТ), Филип Мартинес, оцени дека мерките што ги најави Макрон не се доволни и повика на мобилизација заедно со жолтите елеци, в петок на 14 декември.


Салвини: Макрон е лабораториски производ

Италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на десничарската Лига, Матео Салвини изјави дека кризата со жолтите елеци покажува дека Французите сфатиле оти нивниот претседател е лабораториски производ, осмислен за да го одржува системот таков каков што е.
– Сега ми се чини очигледно дека Макрон е лабораториски производ осмислен да ја блокира и најмалата промена, која би се појавила на видик – порача Салвини пред странските новинари во Рим.