Лондон – Повеќе од десет милиони луѓе ја примија првата доза на вакцината против коронавирусот во Велика Британија, која сака масовна вакцинација на населението за да се излезе од здравствената криза, соопшти Министерството за здравство, потсетувајќи дека кампањата за вакцинација почна на 8 декември лани. Досега 498.962 лица ја примиле втората доза на вакцината. Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека речиси 90 проценти од луѓето над 75 години ја примиле првата доза на вакцина во Англија.

Њујорк – Алијансата за споделување вакцини Ковакс одвои најмалку 330 милиони дози вакцини против ковид-19 за посиромашните земји, кои треба да ги испорача во првата половина на 2021 година, објавија официјални претставници на алијансата. Планот за дистрибуција на Ковакс би опфатил просечно 3,3 проценти од вкупното население од 145 земји што учествуваат во почетниот круг.

Непјдо – Новата воена влада во Мјанмар ја блокира социјалната мрежа Фејсбук поради објавување повик за граѓанска непослушност по пучот во кој беше сменета и притворена премиерката Аунг Сан Су Ќи. Фејсбук е популарна социјална мрежа во Мјанмар, а соборената влада преку неа комуницира со своите приврзаници. Мобилниот оператор „Теленор Мјанмар“ преку изјава потврди дека мобилните оператори и интернет-провајдерите во Мјанмар добиле инструкции од Министерството за комуникации привремено да го блокираат Фејсбук.

Дамаск – Ракети за кои сириските државни медиуми тврдат дека се израелски, вчера паднале врз неколку цели во јужна Сирија и во близината на главниот град Дамаск. Независни извештаи од регионалните медиуми наведуваат дека цели на нападот биле локации во близината на меѓународниот аеродром кај Дамаск, како и неколку воени објекти во сопственост на сириската армија и на проирански единици стационирани во регионот Кунејтра. Засега официјален Израел не соопшти ништо за обвинувањата на Дамаск.