Малта стана првата земја во ЕУ што допушти употреба, купување и одгледување на канабис за рекреативна употреба.

Парламентот на Малта го одобри законот со 36 гласа „за“ и 27 „против“. Сега законски им се дозволува на возрасните лица во Малта да поседуваат до седум грама марихуана и да одгледуваат до четири билки.

Исто така, се формира агенција за регулирање на продажбата на марихуана за лична употреба, рече министерот за еднаквост Овен Боничи. Марихуаната ќе ја продаваат непрофитни здруженија.

Пушењето марихуана на јавно место останува нелегално, а пушењето марихуана пред деца ќе се казнува од 300 до 500 евра.

Боничи ги отфрли критиките дека законот ќе ја зголеми употребата на дрога.

– Владата на ниту еден начин не ги охрабрува возрасните граѓани да користат марихуана или да промовираат култура на нејзина употреба. Владата секогаш ги советува луѓето да имаат поздрав избор – рече тој во напис за „Сандеј тајмс оф Малта“.

Малта сака да биде и европски лидер во производството на медицинска марихуана, па во 2018 година усвои закон со кој се дозволува производство на марихуана за медицински и истражувачки цели.

Холандија, исто така, има либерален став за марихуаната, дозволувајќи продажба на мали количини иако таа е официјално нелегална.