Петнаесет Колумбијци се уапсени поради сомнение за учество во атентотот врз претседателот на Хаити

Колумбиски платеници – обучени, евтини и достапни, гласеше насловот во најпознатиот колумбиски весник „Ел Тиемпо“ откако поранешниот припадник на колумбиските специјални сили Мануел Антонио Гросо Гуарин беше идентификуван меѓу 28-те осомничени за атентатот на претседателот на Хаити, Жовенел Моиз, пренесува „Гардијан“.

Присуството на големиот број на странци меѓу осомничените за убиството на Моиз изненади многумина, особено во Хаити. Но колумиските платеници се забележани во воените зони ширум светот – Јемен, Ирак, Израел, Авганистан…

Многумина од нив се обучувани од американските војници и поседуваат искуство од борбите против наркокартелите во Колумбија, па честопати наоѓаат ангажман во американските приватни воени компании.

– По толку години на војување, Колумбија има многумина луѓе кои се обучени. Многумина од нив се ангажирани од приватни компании, честопати на Блискиот Исток, каде што заработуваат многу повеќе отколку во колумбиските воени сили. Други, пак, работат за наркокартелите или за големите земјопоседници во Колумбија, како дел од паравоени единици. А сега беа и во Хаити, ангажирани од тие што ја планирале акцијата – објаснува Адам Исаксон од невладината организација „Вашингтонска канцеларија за Јужна Америка“.

Два дена по атентатот врз Моиз во неговата резиденција во Порт-о-Пренс, идентитетот на нарачателите на нападот останува непознат, но колумбиските власти вчера идентификуваа тринаесетмина од осомничените за злосторството, за кои постои сомнеж дека биле ангажирани од четири компании. Вкупно 17 лица беа уапсени на Хаити во врска со атентатот (15 Колумбијци и двајца Американци од Хаити).