Три фотографии на канадскиот премиер Џастин Трудо на кои неговото лице е обоено со црна или кафена боја, широко прифатени како облик на расизам, ја „бомбардираа“ изборната кампања во Канада. Светските медиуми сега го поставуваат прашањето какво влијание имаат спорните фотографии врз неговите шанси за победа?

Трудо пред медиумите изјави дека бил премногу засрамен од инцидентите, но не ја исклучи можноста од појава на нови материјали, пренесува Би-би-си.

Шачи Курл, анкетар на институтот „Ангус Реид“, го спореди објавувањето на сликите и снимките „масивен топ“ што би можел да удри во јадрото на брендот на Трудо.

Новата анкета на мислења објавена од страна на институтот, вчера, посочува дека Канаѓаните за негови врвни атрибути ги сметаат толеранцијата и сочувството.

– Брендот на Џастин Трудо до овој момент, до денес, беше несоборлив по прашањата за толеранција и сочувството – изјави Курл за Би-Би-Си.

Таа вели дека во последните неколку недели, прогресивците и гласачите од централната левица полека се враќаат кон Трудо и либералите, но овој инцидент може да го промени тој тренд. Оваа поддршка може да се префрли кон други партии или да ги остави гласачите неопределени.

– Дали тие остануваат со Трудо или се разделуваат? Може ли повторно да бидат вратени назад или е премногу доцна? – се прашува Курл.

Исто така, тоа може да ги отуѓи помладите гласачи од Трудо, кои се сметаат за клучни за неговиот успех на изборите.

– Второто прашање е како сето ова влијае врз задушувањето на гласачите и дали со ова се губат младите гласачи, односно дали се поттикнуваат да останат дома – додава таа.

Сепак, допрва ќе се види како изборното гласање е засегнато од оваа криза. Но мислењето на Канаѓаните кои вчера беа анкетирани од Би-би-си на улиците на Торонто и на Отава, воглавно, не беше променето поради фотографиите.