Авионот на „Лајон ер“ се распарчил при уривањето во морето со голема брзина, соопшти индонезискиот комитет за безбедност во сообраќајот, објавувајќи ги првичните резултати од истрагата за несреќата што се случи минатиот понеделник, пишува сингапурскиот весник „Стрејтс тајмс“.

– Авионот се распарчил кога удрил во водата. Имаше сомнежи дека авионот се распарчил во воздух поради замор на материјалот, но можеме да потврдиме дека тоа не е случај – кажа шефот на комитетот Соерџанто Тахоно.

Истражителите ги нашле црната кутија, двата мотори, делови од опремата за слетување, како и лични предмети на патниците во текот на седумдневната потрага. Пронајдената црна кутија дава увид во податоците од последните 19 лета на авионот. Траењето на акцијата е продолжено за уште три дена во обид да се дојде до трупот на авионот, како и до аудио-снимките од пилотската кабина. 

Прелиминарниот извештај за истрагата се очекува за еден месец, додека комплетната анализа би можела да биде објавена за шест месеци. Министерството за транспорт на Индонезија соопшти дека е покрената и „специјална истрага“ за процедурите на авиокомпанијата и за квалификациите на персоналот. Под надзор е и одделот за поправки и одржување на „Лајон ер“, а суспендирани се и повеќе вработени во компанијата. 

Семејствата на патниците бараат одговори од властите, како и одговорност за авиокомпанијата. Досега се идентификувани 14 жртви од вкупно 189 лица во авионот, преку днк-анализа и нивните лични предмети. 

Летот ЈТ610 полетал од аеродромот во индонезискиот главен град Џакарта на 29 октомври, упатувајќи се кон Панкал Пинанг, по што ја загубил врската со авиоконтролата 13 минути подоцна, и се урнал во морето.