Израел и Хамас се соочени со тешки одлуки пред воопшто да се согласат за учество во преговори за прекин на насилството, наспроти упатувањето на медијатори од САД и од Египет во Израел, пишува „Њујорк тајмс“.

Израел и Хамас првенствено треба да изнајдат начин за соопштување на наративот за „победа“ на нивната јавност, со што оваа задача ќе биде полесна за Хамас отколку за Израел според аналитичарите.

Привремениот премиер на Израел, Бенјами Нетанјаху треба да го пресмета влијанието на конфликтот врз неговата политичка иднина, што дополнително е отежнато со внатрешните немири помеѓу Евреите и израелските Арапите во повеќе градови низ Израел. Клучно за Израел е прашањето дали ќе биде неопходно испраќањето на трупи во Газа, што би можело да го продолжи конфликтот и да го зголеми бројот на жртвите на двете страни.

Утринава Израел ги засили нападите врз Газа, вклучувајќи и интензивно артилериско бомбардирање, но уште не испрати трупи. Милитантите на Хамас пак истрелаа стотоци ракети кон Израел. Хамас ја контролира Газа во изминатите 13 години и издржа две големи војни со израелските сили.

Кај Палестинците, одложувањето на изборите кои требаше да се одржат минатиот месец од страна на претседателот Махмуд Абас создаде вакуум што Хамас има намера да го пополни. Хамас тврди дека единствен може да ги одбрани светите места во Ерусалим со големиот арсенал на импровизирани ракети.

– Во одреден миг, Израел ќе се потсети дека нема начин за конкретен исход со прифатлива цена, а Хамас сфаќа дека цените и ризиците за сопствената политичка одржливост и контрола над Газа станаа превисоки – смета Марк А. Хелер од Институтот за безбедносни студии на универзитетот во Тел Авив, додавајќи дека Хамас се согласува на „како што вели, привремен прекин на огнот, но не и мир, а вообичаено добива и некаква награда за таквата одлука“.

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со Нетанјаху повторувајќи го правото на Израел на самоодбрана, додека САД одбиваат да разговараат со Хамас сметајќи го за терористичка организација.

Египет испрати претставници во Тел Авив и во Газа за отпочнување на разговорите, според тамошните медиуми. Египетското министерство за надворешни работи кое не комуницира со Хамас, не даде коментар за овие информации.