Аукциска куќа во Швајцарија очекува да продаде 25 луксузни автомобили, меѓу кои и неколку модели на „ферари“, „ролс-ројс“ и „ламборџини“ запленети од властите во Женева од синот на претседателот на Екваторска Гвинеја, во текот на истрага за перење пари.

Швајцарските власти соопштија дека се очекува продажбата да достигне околу 18,5 милиони швајцарски франци, а средствата ќе одат во добротворни цели во Екваторска Гвинеја.

Аукцијата е организирана откако обвинителството во Женева во февруари објави дека го затвора случајот против Теодор Нгуема Обианг, син на повеќедеценискиот претседател Теодор Обианг, и уште две други лица, по спроведената истрага за перење пари и лошо управување со јавните средства.