Лидерите на ЕУ разгледуваат планови за испраќање на мигрантите пресретнати во Средоземно Море во мигрантски центри надвор од територијата на Унијата. Овие центри би биле користени за раздвојување на економските мигранти од лицата на кои им е потребна меѓународни заштита, бидејќи доаѓаат од конфликтни зони, пишува „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
Предлогот за отворање на ваквите мигрантски центри надвор од територијата на ЕУ ќе биде разгледуван на претстојниот самит на лидерите на Унијата, тврди весникот, повикувајќи се на предлог-текст за завршниот документ од средбата.
ФТ оценува дека ваквиот предлог доаѓа во време на зголемени тензии во ЕУ околу прашањето за миграцијата. Новиот италијански министер за внатрешни работи Матео Салвини одби да му дозволи влез во Италија на брод со над 600 мигранти, спасени во Средоземно Море. Тој потоа најави дека сака да спроведе попис на ромското население во Италија, што наиде на остри критики. Истовремено, германската канцеларка Ангела Меркел се соочува со криза во нејзината владина коалиција поради несогласувањата околу мигрантската политика. Нејзините коалициски партнери бараат за десет дена да се постигне европски договор за ограничување на миграцијата.
Сепак, предлогот за отворање мигрантски центри надвор од ЕУ може да наиде на правни пречки, бидејќи европската регулатива забранува префрлање лица во земји што се сметаат за небезбедни. Останува неизвесно и што ќе се случува со мигрантите чии барања за азил ќе бидат одбиени во некоја од земјите на ЕУ, бидејќи постои опасност таквите центри да бидат пренатрупани со луѓе, кои ниту ќе можат да влезат во ЕУ, ниту ќе можат да се вратат во своите матични држави, заклучува лондонскиот весник.