ЕУ размислува да набави технологија со која ќе го добие најдобриот суперкомпјутер на пазарот од неевропски извори, со што ќе им овозможи на европските истражувачки центри помоќна алатка за унапредување на неколку клучни области и ќе ги зголеми шансите за иновации во истражувачката сфера, од климатските промени до развојот на лекови и сајбер-безбедност

На повидок можни проблеми во дигиталната автономија на Стариот Континент

Суперкомпјутерот „Маре нострум 5“ во каталонскиот главен град Барселона требаше да биде најновиот и најскап од осумте компјутери со високи перформанси во Европската Унија (ЕУ), како дел од напорите на блокот да фати чекор со САД, Кина и Јапонија во технолошката трка за заштита на сајбер-просторот што е од исклучително значење за научниот и индустрискиот развој. Сепак, судбината на моќната машина засега е неизвесна поради кавгата за конкурентските понуди на американско-кинескиот конзорциум „Ај-би-ем“ и „Леново“, што во моментов прави проблеми во дигиталната автономија на Стариот Континент. Ова меѓу другото во своја анализа го наведува магазинот „Политико“, кој пишува дека европскиот потфат за високи компјутерски перформанси (Еуро ХПЦ), чија задача е да развие светски суперкомпјутерски екосистем во Европа, е во застој. Ова, според магазинот, може да предизвика заостанување на индустриската политика на блокот, но и застој на иновацијата и технологијата во ЕУ.

Сериозна дилема

Ако ЕУ ја купи технологијата, тогаш ќе го добие најдобриот суперкомпјутер на пазарот од неевропски извори, но ќе им овозможи на европските истражувачи помоќна алатка за унапредување неколку клучни области и ќе ги зголеми шансите за иновации во истражувачката сфера, од климатските промени до развојот на лекови и сајбер-безбедност. Ако ја изгради, ЕУ ќе го стори тоа преку европските синџири на испорака и на тој начин ќе го зголеми заостанатиот производствен капацитет на полупроводници и други клучни технологии, што ќе помогне во индустрискиот екосистем на компјутери со високи перформанси, но тоа ќе значи спречување на напорите на широк спектар истражувачи што сакаат да ја користат таа машина.
– Ако немате сопствена технологија по 20 години во еден комплетно дигитализиран свет, тогаш во целост ќе зависите од странски доставувачи – порача Герт ван Грутел, истражувач од фламанската влада што ја претставува Белгија во управувачкиот одбор на Еуро ХПЦ.

Борба меѓу Шпанија и Франција

Суперкомпјутерите стануваат сè поважни за истражувачите на универзитетите и во компаниите. Новата генерација на компјутери може да изведува до десет калкулации во секунда. Во моментов само два од десетте најмоќни суперкомпјутери се наоѓаат во Европа. За да фати чекор со преостанатиот дел од светот, ЕУ заедно со други земји-учеснички, како Турција, Норвешка, Швајцарија, Црна Гора, Албанија и Македонија, го формира Еуро ХПЦ уште во 2018 година. Досега беа доделени договори за пет суперкомпјутери, од кои два се во Италија и во Финска. Третиот и најскап од нив е токму „Маре нострум 5“ (151 милион евра), наменет за суперкомпјутерскиот центар во Барселона.
Во прелиминарните процени на советодавниот одбор на Еуро ХПЦ, фирмата „Ај-би-ем“ на тендерот водеше по квалитет и цена, но не ги задоволи стандардите за „додадена вредност на ЕУ“. Поради тоа, техничката дебата потоа доби и политичка димензија. Шпанија има значаен удел во одлучувањето кој да го добие тендерот, но нејзиниот глас може да биде отфрлен од Европската комисија, која ја има одлучувачка моќ и наедно плаќа половина за проектот. Но на крајот на мај, тендерот беше поништен. Реалната причина наводно била што Шпанија не сакала да ги прифати препораките и понудата на „Атос“, додека во официјалната одлука се наведува дека „не била постигната мнозинска согласност за договорот“. Следствено на тоа, ваквиот спор може да заврши на суд.
Во меѓувреме, во рамките на Европската комисија, сагата со суперкомпјутерите е вмешана во пошироки тензии во однос на насоката на европската економска политика меѓу поборниците на отворени пазари и оние за посилни индустриски политики. Франција и Тиери Бретон, кој е еврокомесар за индустрија, се залагаат за поголема „стратегиска автономија“, додека повеќето северни членки на блокот и потпретседателката на Комисијата, Маргрет Вестагер, ја нагласуваат важноста на отвореноста на економиите.