Повеќе од 60.000 тони високо-радиоактивен нуклеарен отпад се складирани во привремени објекти во Европа, а капацитетите се скоро полни, иако нема никаква разврска во поглед долгорочно решение за овој проблем, се вели во извештајот на германската фондација „Хајнрих Бул“.

Нуклеарната енергија е важен, но и контроверзен извор на енергија во многу европски земји. Поддржувачите гледаат на оваа енергија како алтернатива на штетните фосилни горива, а противниците го доведуваат во прашање отстранувањето на отпадот кој може да задржи радиоактивни елементи, а со тоа и канцерогени својства.

Финска е единствената земја во светот која планира да изгради постојана депонија за најопаснит вид нуклеарен отпад, се вели во извештајот на германската фондација поврзана со Зелената партија.

Постоечките капацитети за складирање на нуклеарен отпад со средно и високо ниво на радиоактивност не се предвидени како долгорочно решение, нагласуваат авторите на извештајот. Во Европа, во 2016 година, најголемиот дел од искористеното нуклеарно гориво (81 процент) бил складиран во базени за разладување кои, како што се наведува, се помалку безбедни од сувите складишта.

Простор за складирање снемува, откриваат истражувањата, па така во Финска се искористени 93 проценти од достапните капацитети, а во Шведска околу 80 проценти. Многу земји дури и не објавуваат вакви податоци, предупредуваат авторите.

Повеќе од 75 проценти од нуклеарниот отпад во Европа го создаваат Франција (30 проценти), Велика Британија (20 проценти), Украина (18 проценти) и Германија (осум проценти), покажува истражувањето, кое делумно се базира на податоците од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).

Во извештајот не се опфатени Русија и Словачка, чии податоци по однос на ова прашање не се достапни, информира агенцијата ДПА.