Високите бројки на инфекции од коронавирусот причина за зајакнување на мерките

Европа од минатата седмица е лидер во светот според бројот на инфицирани и смртни случаи од ковид-19, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), откако бројот на смртни случаи се зголеми за пет отсто и со тоа Стариот Континент стана единствениот регион во светот со зголемување на смртните случаи од коронавирусот. Токму во тој контекст повеќе европски земји, следејќи ги бројките со новоинфицираните, се одлучија и покрај имунизацијата на своите граѓани, сепак, да им наложат да се вратат во своите домови и од далечина да ги извршуваат своите работни обврски, како во почетокот на пандемијата.
Магазинот „Блумберг“ на оваа тема наведува дека Германија и Белгија се првите две земји што за да го спречат четвртиот бран на пандемијата на коронавирусот, донесоа одлука за задолжителна работа од дома. Според „Блумберг“, Белгија донела одлука дека четири дена во неделата да мора да се работи од далечина и покрај потврдите за вакцинација, но и сертификатите.
– Целта на оваа мерка е да се ограничи заразувањето на работното место, како и во јавниот транспорт – велат белгиските власти.
Истовремено германски „Дојче веле“ информира дека еден од најголемите божиќни саеми во Германија, оној во Минхен, веќе е откажан, а поради наглото влошување на епидемиолошката состојба се под прашалник и другите собири кои се актуелни периодов.
– Тешко е да се замисли пиење варено вино на божиќен саем додека болниците се на работ на силите и се борат со последните ресурси – коментира премиерот на покраината Саска, Михаел Кречмар, кој е во дилема дали треба да се отворат божиќните саеми во моменти кога Германија бележи рекордни бројки на заразени со коронавирус.
Во меѓувреме ковид-сертификатите, кои се неопходни за влез во баровите, рестораните и настаните со повеќе од 50 лица во затворени простории или 100 лица на отворено, сега ќе бидат придружени со задолжително носење заштитни маски низ Европа. Оваа одлука, исто како и таа за работа од дома, стапува во сила во повеќе земји низ Унијата во пресрет на зимскиот период и новогодишните празници, пренесуваат медиумите.