Постигната е иницијална спогодба вредна 850 милиони долари меѓу Организацијата на американски извидници (БСА) и десетици илјади поранешни извидници кои тврдат дека биле злоставувани. Но се проценува дека дополнителните правни акции би можеле да доведат до исплати во вредност од повеќе милијарди долари, објави „Њузвик“.

– Задоволен сум што БСА и нивните локални претставништва истапија да бидат првите што ќе компензираат жртвите. Сега ќе преговараме со осигурителите, спонзорите и другите организации кои имаат правен ризик вреден милијарди долари, од кои е неопходен значителен дел за компензација на жртвите – изјави адвокатот Кен Ротвајлер кој застапува над 16 илјади од вклучените во спогодбата.

Спогодбата е дел од договорот за реструктурирање што го издејствува БСА откако објави банкрот минатта година. Вредноста на БСА беше проценета на над 3,7 милијарди долари во март годинава. Повеќе од 60 илјади лица ја тужеа организацијата за сексуално злоставување за кое велат дека се одвивало со децении наназад.

БСА постигна спогодба со речиси 17 илјади од жртвите, што претставува и најголемата спогодба во случај за сексуално злоставување во САД. Ако парите од спогодбата вредна 850 милиони долари бидат еднакво поделени меѓу оние на кои им следуваат, секоја од жртвите ќе добие околу 14 илјади долари. Жртвите би можеле да добијат дополнителна компензација на сметка на осигурувањето.