Варијантата делта, претходно позната како индискиот вид на ковид-19, забрзано се шири низ Стариот Континент. Таа стана доминантна во Обединетото Кралство, Португалија, Германија, но и во Франција. Во тој контекст, европските здравствени власти предупредуваат дека ќе бидат потребни дополнителни мерки за да се сузбие ширењето на индискиот сој. Новиот вид, кој првично се појави во Индија, добива замав, а анализата на магазинот, која е направена врз основа на податоците од иницијативата ГИСАИД, говори дека властите треба да бидат претпазливи околу мутацијата на вирусот, но и олабавувањата на мерките.

Во исто време порастот на бројот на случаи ја зголемува загриженоста дека варијантата делта би можела да го сопре напредокот што ЕУ го постигна во изминатите два месеца, намалувајќи ја стапката на смртност од ковид-19 на најниско ниво уште од есеноска. Научниците сега се насочени кон Обединетото Кралство, каде што бројот на случаи на ковид-19 е тројно зголемен во изминатиот месец и каде што варијантата делта опфаќа 98 отсто од новите случаи, во обид да најдат одговори во однос на преземањето нови мерки. Податоците покажале и дека варијантата делта го зголемува ризикот од хоспитализација за 2,2 пати во споредба со првичниот вид на ковид-19.

Дали кластерите на варијантата делта низ ЕУ ќе се претворат во поголеми жаришта, ќе зависи од бројот на целосно вакцинираните, според научниците, како и од однесувањето на луѓето кога поголемиот дел од рестрикциите се укинати.