Откако беше пречекан со солзавец на американската граница, фармерот од Хондурас Карлос Гонзалес (40) ја преиспитува својата одлука за приклучување на караванот што го доведе на прагот на неговиот сон – Соединетите Американски Држави, пренесува интернет-порталот „Дејли бист“.

Тој се надеваше дека караванот на мигрантите од Средна Америка ќе му овозможи влез во САД. Почнувајќи го патешествието од Сан Педро Сула на 12 октомври, Гонзалес во следните пет недели сонуваше за подобар живот, особено откако мигрантите се пробија низ полициските барикади, поминувајќи ги затворените граници на Гватемала и Мексико.

Но, американската граница засега се покажа како непреминлива пречка за повеќе од седум илјади мигранти кои стигнаа во Тихуана, Мексико, каде што чекаат на мал стадион за бејзбол, што е претворен во своевидна населба со шатори. Тоа е во непосредба близина на границата која се надеваа дека ќе ја поминат, без да претпостават дека ги очекува тешка задача.

– Мислев дека ќе биде лесно. А сега сме гладни, сами и незаштитени. Мојата ќерка е болна. Не сакам да ги загубам децата, да го загубам животот – истакна Гонзалес кој тргнал на патешествието заедно со својата сопруга и двете деца, кои се на тригодишна и четиригодишна возраст.

Во неделата, американската гранична служба употреби солзавец по протестот и наводното пробивање на граничната ограда од луѓето од караванот. Мигрантите, пак, се прашуваат зошто не им е дозволено да побараат азил.

Околу 100 мигранти дневно доспеваат до границата каде што се интервјуирани, што е почеток на процесот за барање на азил. Луѓето на границата претпоставуваат дека ќе треба да чекаат околу 30 дена за да упатат барање за азил.

Дополнителна причина за загриженост на мигрантите претставува ставот на Мексиканците кон нив, бидејќи анкетите покажуваат оти 49 отсто од испитаниците во Мексико велат дека на караванот не би требало да му биде дозволено да помине низ нивната држава. Луѓето кои бараат азил изразија стравување и од можно затворање на границите, од студеното време и од појавата на криминал. 

Луис Коралес, кој исто така е од Хондурас, е подготвен да се откаже од неговиот сон.

– Завршив со Соединетите Американски Држави. Ќе останам тука – порача триесет и петгодишниот келнер од Сан Педро Сула.

Од друга страна, градежниот работник Хавиер Пинеда (31) има повеќе трпение.

– Ќе чекаме на нашиот ред. Ова е нашиот сон – категоричен е Пинеда.