Шест од десет Французи велат дека ги заобиколуваат рестрикциите

Според истражувањето на центарот за политика и вести „Ифоп“, поголемиот дел Европејци не ги почитуваат во целост владините мерки за ограничувањето на движењето што се насочени кон борбата за справување со вториот бран на пандемијата. Французите, Англичаните и Шпанците се најпроблематични во тој сегмент, додека ситуацијата со вирусот е критична во Европа

Иако мерките за носење маски и за лична хигиена широко се почитуваат низ Стариот Континент, сепак поддршката за правилата на карантинот и самоизолацијата во вториот бран на пандемијата значително е опадната низ Европа. Ова меѓу другото се наведува во последното истражување на центарот за политика и вести „Ифоп“, во кое се анализирани одговорите на повеќе од 12.000 лица низ Европа и во кое се посочува дека Французите најмногу од Европејците им пркосат на владините мерки за ограничувањето на движењето што се насочени кон борбата со опасната болест.
Имено, како што пренесува „Јуроњуз“, повикувајќи се на истражувањето на „Ифоп“, во Франција само 48 отсто од луѓето поддржуваат карантин за оние што имале контакт со заразени лица, што е помалку од 78-те отсто споредбено со март. Речиси шест од десет Французи признаваат дека ги прекршиле или ги заобиколиле карантинските правила во земјата што стапија во сила на 30 октомври како резултат на зголемениот број инфекции од ковид-19 во Франција.
Според стручната анализа, ништо подобра не е состојбата со почитувањето на рестрикциите и во другите европски држави. Во рамките на истражувањето се вели дека во последно време, иако во помал степен, сепак поддршката за изолација исто така значително е опадна во Велика Британија, но и во Шпанија.
Според центарот „Ифоп“, во Велика Британија во периодот помеѓу септември и октомври, само 18,2 отсто од испитаниците пријавиле дека останале дома откако развиле симптоми, а единствено 10,9 отсто останале во изолација откако биле во контакт со заразено лице.

Како што се наведува во студијата, од 10 до 11 отсто од анкетираните во Британија го навеле секојдневното работење меѓу причините за непочитување на мерките. Половина од британските работници со ниски примања всушност не можат да си дозволат да останат во своите домови и да се самоизолираат, бидејќи боледувањето е многу ниско платено во земјата, пишува „Јуроњуз“. Меѓу другите наведени причини за непочитување на рестрикциите, според медиумот, е и грижата за ранлива личност, но и психичкиот стрес на испитаниците.
Во меѓувреме забраната и посебниот режим на движење на територијата на Шпанија исто така слабо се почитуваат. Градските и регионалните лидери во земјата сѐ погласно се спротивставуваат на рестрикциите што ги воведуваат централните власти за спречување на ширењето на коронавирусот. Стравуваат дека централните власти не прават баланс меѓу спасувањето животи и заштитата на економијата.
Во Мадрид градоначалникот го испочитува законот донесен од Владата, но најави дека рестриктивните мерки ќе ги оспори пред судовите и дека ќе се обиде да ги укине. Според „Ифоп“, над 50 отсто од Шпанците не се придржуваат на новите ограничувања воведени во врска со пандемијата на коронавирусот во земјата.

– За тоа е потребна доверба во мерките донесени од законодавците, како и нивно спроведување, нешто што не е случај во речиси ниедна земја досега, па ниту во Шпанија, а луѓето не ја гледаат поентата во следењето на официјалните протоколи. Некои од тие правила, како затворање на кафулињата во 10 часот наместо во 11, не се поткрепени со никакви научни објаснувања. Нејасните правила во голема мера доведоа до зголемување на недовербата кај граѓаните – вели Франсоа Краус, шеф на политичка анализа на „Ифоп“.
Паралелно на ова, пораст на бројот на нови случаи има во Италија и во Германија, држави за кои изгледаше дека добро се справуваат со пандемијата. Европа минатата недела имаше повеќе од половина од сите заразени од ковид-19 во светот, поради што лидерите низ континентот се редеа на националните телевизии и со тага најавуваа дека нивните држави за жал ќе мора повторно да одат под клуч.